Ставот на Меѓаши за злоупотреба на децата
(од реакцијата од ПДАС „Меѓаши” пристигната во нашата редакција на 18 август 2007 година)
Најостро ја осудуваме злоупотребата на децата во политички цели при вчерашното одбележување на денот на АРМ каде децата беа вклучени во агитирање и политичка кампања за влез на Македонија во НАТО. Вчудоневидени сме што како покровител на овој настан се јавува министерот за одбрана господинот Лазар Еленовски.
Да се настапи со мото “Македонија во НАТО, ние децата нивно злато” говори доволно и за покровителот министерот за одбрана на Република Македонија и за организаторот Детска амбасада за сите деца во светот. Сметаме дека и Народниот правобранител треба да реагира за злоупотреба на децата во политички цели затоа што тоа се случува од страна на едно министерство и една невладина организација кои се јавуваат како подржувачи и организатори на злоупотреба на деца за политички цели. Воедно, ова е срам за ова министерство кое троши државни пари од граѓаните и поддржува граѓанска организација која ги злоупотребува децата за политички цели. Амбасадата МЕЃАШИ се залага граѓанските организации да им помагаат на сите деца чии родители загинале во конфликтот 2001 година, а не истите да се злоупотребуваат вклучувајќи ги во одбележување на централни прослави, дефилеа на АРМ, ОВК или да учествуваат во политички кампањи на партии или за влез во НАТО.
Децата се најмоќни ако им се посвети внимание, ако им се даде љубов, образование, ако не се злоупотребува нивниот труд, ако не се користат за економски, политички цели. Немоќ на политичарите е кога ги злоупотребуваат децата во политички цели и кога сметаат дека децата се најмоќни да ја поддржат Македонија за влез во НАТО, да ја поддржат пред меѓународниот фактор.
Зарем не е злоупотреба во политички цели, 5 часа на 40 степени децата да собираат потписи и агитираат за влез во НАТО, пред очите на македонската јавност и министерот за одбрана? Ова е чиста манипулација на децата во пропагандни цели и туѓи за децата вредности и е еднаква и полоша од таа што ја прават политичките парити за време на партиски митинзи и кампањи. Згора на се, политичката злоупотреба ја прави организатор кој треба да се грижи за правата на детето, пред очите и во името на покровителот министерот за одбрана на Република Македонија и целата македонска јавност. Министерот за одбрана на Република Македонија треба да е подготвен да ги брани правата на децата а не да ја потврдува нивната злоупотреба како покровител кој воедно добро знае дека НАТО е воена организација. А таа Детска амбасада за сите деца во светот треба да се избрише од регистерот на граѓански организации на Република Македонија бидејќи ги крши правата на децата загарантирани со Уставот на Република Македонија и Конвенцијата за правата на детето ретификувана во Собранието на Република Македонија во 1993 година
М-р Драги Змијанац основач и извршен директор на Првата детска амбасада во светот - Меѓаши, Република Македонија |
|