Панел :Младите и развојот

Организатор: Програма за развој на Обединетите Нации(УНДП)

Младите луѓе треба да се охрабрат во процесот низ кој минуваме

Позицијата на младите луѓе во Македонија беше разгледувана на панелот “”Младите и развојот”” во кој воведничарите Аделина Марку – Универзитет на Југосточна Европа од Тетово,  Емилијан Станковиќ – Агенција за млади и спорт, Александар Пајковски – Дуна компјутери и претседавачот Љупчо Зиков  се обидуваа да го фокусираат своето внимание на актуелната состојба  во земјава, презентирајќи дел од своите стекнати искуства во насока на мотивирање на присутните слушатели, млади луѓе да  размислуваат за својата позиција,  за промената на  условите во Македонија, која  како земја можe да се развива во подобро место за живеење.

Аделина Марку фокусирајќи се на начинот на кој се одвива наставата на Универзитетот на Југоисточна Европа  нарекувајќи го “остров во севкупното милје кое го опкружува” , ги истакна позитивните особини кои наставата ги буди кај младите: креативноста, мотивираноста,потребата за соработка, за заедничко работење, своевидната oрганизациска култура кај студентите, за која е уверена дека можe позитивно да влијае на севкупната култура на живеење  во земјава и да предизвика одредени промени. “Чувството за работа кај младите луѓе во земјава е малку развиено.Ние на Универзитетот работиме на создавање на програма за мотивирање за работа и учење. Студентските организации креираат програми со кои конкурираат на  меѓународни програми во државата, а соработуваат и со здруженија на граѓани” –истакна Марку.

Емилијан Станковиќ говорејќи за работата на Агенцијата за млади и спорт и нејзиното влијаие  врз позицијата на младите во државата, уште на почетокот  го потенцираше фактот дека за нивната работа државата годишно одвојува 0.23% од  буџетот, од кои само 10%, односно 12 милиони денари,  се наменети за  секторот млади и спорт. Агенцијата обезбедува и финансирање на активностите, преку соработка со меѓународни организации, преку проекти финансирани од различни извори, од кое еден е и Светската банка. Станковиќ ја потенцираше и изработката на  Стратегијата за млади на РМ, која е предадена во Владата во очекување таа биде усвоена и предадена  во Парламентот на почетокот на идната година.Оливера Аврамоска – претставничка на УНДП, чии програми се фокусирани и на на развој и охрабрување на младите во вложување на сопствените потенцијали  во професионалниот развој, најави формирање на студентско тело по модел на Обединетите нации, кое, треба да овозможи  соодветно влијание на развојот на младите. ”Младите луѓе треба да се охрабрат во нивното учество и улога во процесот низ кој минува Македонија” – посочи  Аврамовска.

Директорот на приватната фирма Дуна компјутери, Александар Пајковски,  во оваа прилика го презентираше својот десетгодишен пат во оформување на бизнисот во земјава, нагласувајќи дека и тој бил еден од оние кои сакале да заминат од Македонија, но дека денес неговиот пример на успешен бизнисмен кој раководи со фирма во која работат млади луѓе од различно етничко потекло, делува оптимистички  во градењето на сликата  за Македонија како за земја која пружа услови за развој на творечките капацитети на младите луѓе.”Треба секојдневно да се презентираат позитивните примери кои мотивираат и охрабруваат. М Македонија е добро место за инвестирање- нагласи  Пајковски.

Љупчо Зиков смета дека реформските процеси во земјава, веќе подолго време се компромитирани, но и дека постои потреба од нивно  “симнување на земја”, на подигање на нивото на образование, на нивото на општата едукација, на информирањето, на посветеноста на младите на својата држава. Недостатокот на механизми кои би овозможиле искористување на потенцијалите кај младите, го нагласи и еден од слушателите на панелот, Стевче Дечев, активист во граѓанскиот сектор, за кого младите се маргинализирана група во програмите на политичките партии. “Развојот на младинската стратегија треба да оди  паралелно со развојот на државата, да се дадат можности за волонтаризам на младите во бизнис секторот и нивно директно учество  во политичките процеси”- потенцираше Дечев.