Граѓанските организации и процесот на евроинтеграција

Македонија недоволно ги користи фондовите на ЕУ

Македонија малку ги користи фондовите на ЕУ наменети за финансирање на граѓанските организации во земјава, заклучија учесниците на трибината на тема „Граѓанските организации и процесот на евроинтеграција - пристапност до фондовите на ЕУ” која се одржа на 19 јуни во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Според претставниците на граѓанскиот сектор, во Македонија тешко се стигнува до информации, па неинформираноста е најголемата причина поради којашто за голем дел средства наменети за граѓанскиот сектор никој не аплицира и тие остануваат неискористени. Нивните искуства велат дека организациите имале пристап до парите од европските фондови најчесто само како партнери на невладини организации чие седиште е во некоја од земјите-членки на ЕУ.

Европската комисија секоја година управува и распределува речиси 12 милијарди евра помош секоја година. Од тоа ЕУ има обезбедено 0,666 милијарди евра помош за земјите од поранешна Југославија и за Албанија, најмногу во рамките на КАРДС-програмата, која со ЕИДХР се најзначајните програми за финансирање на здруженијата на граѓани од регионот. Преку КАРДС-програмата во периодот 2002-2004 година во Македонија биле распределени 3 милиони евра, а за тековниот периодот 2005-06 година се предвидени уште 1,5 милиони евра наменети претежно за демократизација и владеење на правото и подобрување на меѓуетничките односи.

Тања Хафнер Адеми од МЦМС истакна дека недоволниот пристап на Македонија до европските пари пред с$ се должи на актуелниот општествено-политички контекст во земјата, односно на тоа дека Македонија неодамна стана земја-кандидат за членство во ЕУ, но тоа практично се уште се нема одразено на зголемување на нејзината пристапност до фондовите на Унијата.  Европската комисија сега преговара за нова буџетска рамка за 2007-2013, а од областите коишто како приоритетни ќе ги означи Владата на РМ ќе зависи во кои рамки ќе се слева помошта од ЕУ за земјава во идниот период.

Во годините што следуваат Македонија може да очекува помош од програмата ИПА, која ќе ја замени КАРДС. Според Хафнер Адеми, од земјите од регионот Македонија има најмалку граѓански организации вклучени во европските мрежи (двојно помалку од северниот сосед и за седум до десет пати помалку од западноевропските земји). Домашните организации, забележа Адеми, за да аплицираат за фондовите на ЕУ најпрво треба да знаат каде да ги бараат основните информации, за да ги добијат навреме истите. Внимание треба да се посвети и на размената на искуства, бидејќи процедурите и самите програми во себе содржат премногу барања за да се направи една програма, апликација или тендер. “Граѓанските организации во Македонија веќе имаат направено прв чекор кон тоа и со тоа прават свој придонес во интегрирањето на Македонија во ЕУ”, заклучи Хафнер-Адеми.

Распределбата и управувањето со фондовите на ЕУ во Македонија се врши преку Канцеларијата за европска помош, Делегацијата на ЕК и Европската агенција за реконструкција (ЕАР). Во рамките на националната програма КАРДС, ЕУ ја концентрира својата поддршка на здруженијата на граѓани преку приоритетите за демократизација и владеење на правото, што подразбира поддршка на проекти што имаат  цел подобрување на меѓуетничките односи, демократизацијата и унапредување на граѓанското општество.