коментар

Напред со бројките!

При едно анкетирање на граѓанските организации пред околу 6-7 години на прашањето на мојот колега: Колкав е вашиот буџет?, претседателот на анкетираната граѓанска организација благо навреден одговорил дека неговата организација е чесна и дека тие немаат “такви работи”!!!.

Деновиве, имав задоволство ден и пол да се дружам со претставници на граѓански организации со кои, меѓу другото, разговаравме за активностите на граѓанските организации, за видливоста на резултатите и секако за можноста таа да се подобри. Се изненадив од забелешката на некои од граѓанските активисти дека буџетот на проектите не е работа што треба да ја знае јавноста!!!

Кога се шират шпекулации за работењето на граѓанските организации за виновни ги прогласуваме новинарите. Ја нагласуваме потребата од нивно сензибилизирање за прашањата на граѓанскиот сектор, од друга страна не размислуваме за потребата од сензибилизирање на граѓанските активисти, посебно на прашањата за финансиите.

Активностите на граѓанските организации се јавни. Како се спроведени и колку чинеле, нема зошто да биде тајна. Луѓето на кои им се наменети тие активности треба да знаат колку средства се вложени во нив. Шпекулациите се создаваат кога ќе престане текот на информации. Овој пат текот на информации треба ние, граѓанските организации, да го одржуваме.

За среќа, состојбата не е иста како пред 6-7 години, напротив, таа е подобрена. На пример, 39% од граѓанските организации презентирани во шестото издание на Адресарот на граѓански организации во Македонија одлучиле да го објават нивиот буџет. Во следното издание на Адресарот тој процент е 44%. Оваа година осум граѓански организации во дневниот печат ги објавија своите финансиски извештаи и независните ревизорски мислења за нив. Тоа е уште еден чекор напред во градењето доверба меѓу граѓанскиот сектор и јавноста.

Нема ништо страшно во објавувањето на буџетите на проектите или програмите. Нема ништо страшно во објавувањето на бројките, напротив, тие можат да бидат нашиот адут во времињата што доаѓаат. Затоа, напред со бројките!

Гонце Јаковлеска