Балканот каска зад европските барања

Поголемо учество на невладините организации во креирањето политики е пораката испратена од регионалната конференција “Владината соработка со граѓанскиот сектор”, која на 4 март се одржа во Скопје. Конференцијата ја организира Одделението за соработка со невладините организации на македонската влада, со финансиска поддршка на Институтот Отворено општество - Македонија и Македонскиот центар за меѓународна соработка, а на неа зедоа учество претставници од повеќе земји од регионот, меѓу кои домаќинот-Македонија, потоа Србија, Албанија, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Заедничка оценка на сите нив е дека е потребно да се засили соработката на граѓанските здруженија со владите во регионот со цел тие да имаат поголем удел во носењето на законските регулативи и креирањето на јавните политики. Учесниците на конференцијата се согласија дека партнерството на граѓанскиот сектор со владините тела е посебно важно за развој на фундаменталните демократски вредности на секоја земја.

На регионалната средба, Словенија и Хрватска, кои важат за шампиони од ова област, ја потенцираа активната соработка меѓу невладините организации и владата преку посебни веб-портали. Според претставничката од Словенија, Сега Полонца, од Министерството за јавна администрација, невладините организации во Словенија се активно вклучени во носењето закони преку концептот на Е-влада. “Кај нас постои законска одредба според која секој закон пред да влезе во владина процедура мора да помине низ граѓанскиот сектор”, нагласува Полонца и вели дека во оваа земја постои проблем со кусиот временски период при носењето на законите. Со овој проблем се соочува и Хрватска.

“Во моментов развиваме кодекс на добрата пракса за советување меѓу државата и граѓанското општество. Со него сакаме да воспоставиме нови стандарди, а тоа е при усвојувањето на новите закони да воспоставиме доволно време за коментари. Сметаме дека тоа е многу важно за да осигураме тие закони да бидат многу квалитетни”, вели Игор Видачак, претставник од владиното тело на Хрватска за соработка со граѓанските здруженија. Црна Гора, за разлика од своите соседи, може да се пофали со позитивно искуство со финансирање на невладините организации од приходите од игрите на среќа. “Кај нас при крајот на минатата година беа извршени измени на законот за игрите на среќа и со тие измени  е предвидено 75 отсто од добивките на оној дел предвиден за невладините и за другите организации да оди на проекти за невладините организации”, вели Данка Латковиќ, шефица на Канцеларијата за соработка со невладините организации во Генералниот секретаријат на Црна Гора. Според неа, во последно време невладините организации учествуваат во работата на работните тела кои ги менуваат законите. Невладините организации во Албанија, според Јули Аслани, од владиното тело за соработа со невладиниот сектор, имаат право да развијат и економска активност, да користат јавни фондови и да профитираат. “Во кодексот на процедури на Советот на министрите стои дека мислењата на невладините организации треба да бидат земени предвид кога се носат законите. Тие нема да поминат во парламентот ако мислењето и препораките на невладините организации не се земат предвид”, вели Аслани, советник на премиерот.

Во моментов, македонското искуство не може да се спореди со хрватското или со словенечкото каде невладините организации имаат голем удел во креирањето на јавните политики и активно учествуваат во носењето на законите. “Очекуваме дека набргу Владата ќе направи измени и во Деловникот за работа каде што ќе биде возможно мислењата на граѓанските организации да бидат вклучени во најраната фаза на подготовка на законите дури се во владиниот кабинет. Така поконструктивно ќе успееме да влијаеме на некои од законските решенија”, смета Сашо Клековски, извршен директор во Македонскиот центар за меѓунардна соработка. Тој се надева дека Владата ќе го примени црногорското искуство. “Ние имаме една тенденција на ограничување на средствата од лотарија за социјално-хуманитарни и други слични цели, иако приходите од лотарија растат, а луѓето трошат повеќе средства за лотарија, коцка и обложување. Ние мора многу повеќе пари од коцката да вратиме назад до групите кои имаат потреба од тоа”, смета Клековски. Од невладините организации се задоволни што Владата годинава воспоставила потранспарентни критериуми за финансирање од државниот буџет, од кој за невладините организации се издвојуваат 15 милиони денари.  Во моментов во Македонија има околу 6.000 невладини организации, од кои активни се само 1.500, а над 50 отсто од невладините организации се лоцирани во Скопје. Нивниот удел во носењето на законите досега беше само инцидентен, иако претставниците од Владата потенцираат дека е изменет Деловникот за работа што ќе овозможи секој граѓанин на владината веб-страница да даде свои сугестии и забелешки за секој пропис.

Ж. Ѓ.