Лото е наше мото
Пред година (и кусур) реагирав низ средствата за јавно информирање за начинот и временскиот термин на распределба на владината поддршка кон граѓанските здруженија. Начинот (немањето критериуми) беше дискутабилен, а временскиот термин (20 дена пред изборите) повеќе од индикативен (индиција = основа за докажување кривично дело). А, години со ред беше така (или полошо) и години со ред во „невладините” Владата подразбираше поддршка (и се раскусуруваше) со се и сешто (синдикати, борци – нови и стари, гласови, и што ти уште не...).
За да нема забуна кај неупатените, се работи за сума од 10 до 15 милиони денари за целото граѓанско општество, за цела година. Се разбира, кај сите влади (па и кај оваа денешнава) низ буџетот ќе најдете многу поголема сума како „трансвер кон невладини организации” од многу владини институции. Ние ги најдовме тие ставки. Но, не најдовме ниту еден владин (а ни невладин) гласноговорник, експерт, министер…, кокј ќе објасни кои се тие организации и кои се тие активности кои ги поддржала Владата. Фантом, Маниту, Загор Те-Неј? Никој не знае, или не кажува, а Агата с$ уште не го завршила најновото откритие на Поаро!?
Конечно, од новата влада добивме „промени” во владиното финансирање на „невладините”. Комисијата беше за почит: со министри и други – докажани во политиката, ама не и во невладината нива. Одлуката парадоксална – финансирање на организации, недокажани во невладиниот сектор, ама нештетни во корекција на владината нива. На мојата (приватна) реакција ми беше одговорено дека комисијата принципиелно решила да не ги финансира докажаните организации на кои им е полесно да се снајдат за средства. Аферим!!! Значи, оној кој се мачи, води сметка за транспарентноста, јавноста, членството, структурите… - да се казни. А оној кој знаел/не знаел, сакал/нејќел, можел/не можел – да се награди. Оној кој го бивало, нека се снајде, а оној кој не - да му споможиме!? Жалниот момент е дека оној што го бива и без тоа ќе го биде, а оној што не го бива – (според народната поговорка), само Господ ќе го чува. Тука им се извинувам на сите организации кои ги сметам за исклучок од „купот”, но се разбира – (според старото правило) исклучокот е само потврда на правилото!
Но, што е сторено – поминало. Нема да заглавуваме во калта одназад, туку прашањето е како да ја прескокнеме калта пред нас.
Лото!!! Тоа е прашањето кое е камен на мудроста и на сопнување кога се работи за финансирањето на невладините организации, особено на оние кои работат нешта од јавен интерес или од хуманитарен аспект. Во светот, особено во католичкиот/протестанскиот, религискиот/социјалниот е прифатено дека „колнатите пари одат за проколнатите”, т.е. парите од комар (игри на среќа) треба да се рапределуваат за активности од хуманитарен и јавен интерес. Пример: Шпанија (само за слепи), Аргентина до 100%, мноштвото европски држави до 50%, кај нас 9%, и тоа само на 6 организации на лица со хендикеп. Другите се во постојан конфликт со овие претходните, а владините структури уживаат во ефектот на староримската мудрост дивиде ет импера (раздели па владеј). Тука особено се чувствувам погоден (индивидуално и организациски) поради затекнатата практика „проколнатите” да бидат јаболко на раздорот/оправдувањето.
Просторот не дозволува понатамошна елаборација на проблемов, кој иако тривијален, нема лесно да се реши поради засегнување нечии вкоравенети/долгорочни интереси. Без навлегување во поривите на тие интереси. сакам да им порачам нешто, и на едните и на другите, а и на Владата на РМ.
Владата нека си постави критериуми кои може да ги испочитува и кои ќе ја издржат критиката на јавноста при дискрециската распределба на даночно-комарските пари. Нека си ѕирне во истражувањата на рејтингот и индексите на доверба на граѓанскиот сектор кај нас. Или барем да се консултира со сопствените документи и спомнатите организации кои $ служат за докажување на нашиот напредок кон ЕУ! Првите (затекнатите) организации ќе мора да знаат дека колку долго ќе го штитат стекнатото, колку и долго да го бранат незаслуженото или несработеното, толку долго ќе бидат сведоци на постојано осиромашување, подигрување и искористување на лицата со хендикеп и нивните организации (без обзир што за некои индивидуалци секогаш ќе има доволно)!
А, оние вторите мора да знаат дека не може да се надеваат да ја принудат Владата (која било и каде било) којашто успешно ги „заполтила” оние првите доброволно да се откажат од толку дискрециското располагање со толкави пари. Ќе мора да се дејствува, споредува и докажува, не личната организациска, туку општествената корист на трошењето на тие пари. И тоа ќе мора да го прави секоја организација од секоја сфера на дејствување во овој наш граѓански сектор…
Во спротивно, ќе мора да се помириме со ситуацијата на оној стар Евреин кој секоја вечер се молел пред храмот на Јехова да добие на лото, без да уплати пред тоа!?
(авторот е лидер на Полио плус организација на лицата со хендикеп и член на политичка партија во позиција)
|
|