НАСТАНИ

ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА НАГРАДИ ЗА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО И ДЕМОКРАТИЈА И ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ 

Лауреати - „Меѓаши”, Кристина Дикинсон и Јосиф Таневски

На свечен начин, на 21 јуни, МЦМС во своите простории ги додели првите награди за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” и за граѓанско општество и демократија, воспоставени прват оваа година. Лауреатите на МЦМС се: Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” (Награда за граѓанско општество и демократија 2000 за долгогодишни постигнувања), г-дин Јосиф Таневски (Награда за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” 2000 за долгогодишни постигнувања) и г-ѓа Кристина Дикинскон (Награда за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” 2000 за постигнувања од претходната година). Предвидените награди за граѓанско општество и демократија, за постигнувања во претходната година и за јавност и информирање или соработка, годинава не беа доделени.


Наградата за граѓанско општество и демократија се доделува од фондот кој МЦМС го воспостави, откако самиот ја доби престижната награда за граѓанско општество и демократија од Европската унија и од САД, во 1998 година.
Наградата за одржлив развој е посветена на споменот на Херт Јан ван Апелдорн, човекот кој во 1993/1994 година работеше во Македонија за Холандската меѓуцрковна помош и помогна МЦМС и многу други организации да започнат развојни иницијативи.
И двете награди на МЦМС ќе се доделуваат секоја година, на поединици, групи, организации или заедници. Наградата за граѓанско општество се доделува за посебен придонес во локалните и националните иницијативи за развој на граѓанското општество и демократијата во Македонија, и тоа за: граѓанско општество, демократија и добро владеење, човекови права и решавање конфликти, додека Наградата за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” се доделува за посебен придонес во локалните и националните иницијативи за одржлив развој во Македонија.
Мотивот за востановување на овие награди е поттикнување на развојот на заедницата преку истакнување на „позитивните херои” и воспоставување позитивни модели што можат да иницираат и да охрабрат активности во насока на одржливиот развој, јакнење на демократијата и во создавањето граѓанско општество.

 

Јосиф Таневски е добитник за наградата за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” 2000 за долгогодишни постигнувања за јакнење на капацитетот за одржлив развој во Македонија, преку јакнење на Движењето на екологистите на Македонија и други еколошки организации, промоција на одржливиот развој преку лобирање и информирање во политичките, стопанските и научните кругови и преку издавање на публикации како „Визија за одржлив еазвој” (1995), „Одржливо земјоделие на Република Македонија” (1997) и „Одржлив развој на општина Зрновци” (2000).

 

Кристина Дикинсон е добитник на Наградата за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” 2000 за постигнувања во претходната година за јакнење на капацитетот за одржлив развој на лицата со посебни потреби преку поттикнување на групата Пријатели на Демир Капија и здружението Полио Плус, за поддршка и промоција на правата за развој на лицата со посебни потреби преку лобирање во Парламентот за вклучување на праШањето на хендикепот во претстојниот попис и информирање на јавноста, како и преку проекти за поддршка на Институтот во Демир Капија и други активности.

 

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” е добитник на Наградата за граѓанско општество и демократија 2000 за долгогодишни постигнувања за промоција и заштита на правата на децата и младите преку откривање на случаоте на злиупотреба на децата и СОС телефонот, кампањи за правата на децата и против злоупотребата на детскиот труд, иницијатива за воведување на детски Омбудсман и прифатилиште на деца на улица, за јакнење на граѓанскиот сектор и мрежи преку иницирањето на националната коалиција на невладини организации за заштота на правата на детето која денес има 29 членки, и основање на Здружението за заштита на правата на детето. „Меѓаши” ома издадено бројни публикации поврзани со правата на детето и е добитник на третата награда „This is our time” од УНЕСКО.