Унапредете го вашето знаење и вештини
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) обезбедува образование на возрасни и ви нуди можност да го надградите вашето формално образование, да стекнете дополнителни знаења, квалификации и вештини, да го зголемите вашиот потенцијал за развој на кариерата и да ја зголемите вашата вредност на пазарот на трудот.
Преземете ја пријавата за обуки.
Обуките на МЦМС се развивани низ 13 годишното искуство во соработка со истакнати меѓународни консултантски компании. Повеќе од 4.600 учесници на нашите обуки и нивните организации веќе ги чувствуваат придобивките од подобрените раководни вештини, дизајнираните внатрешни системи и процедури, развиените практики за набљудување и оценка, подобреното проектно и стратешко планирање, стекнатите комуникациски, презентациски и други лични вештини.
Кој и кога може да се пријави
Обуките им се наменети на сите оние кои сакаат да работат на својот личен и организациски развој. Рокот за пријавувањето е најдоцна 15 дена пред започнувањето на обуката.
Придобивки од обуката:
- практично знаење и вештини
- осознавање на теоретски концепти
- учење од релевантни успешни искуства
- материјали од обуката (прирачник, студии на случај, ЦД)
- дополнителни консултации после обуката
- сертификат
- редовни информации за понудата на обуки на МЦМС
„Проект менаџмент за максимални постигнувања“ со Димче Митрески
Имате проблем со поставување на реални и оставрливи цели? Често се наоѓате во теснец со временските рокови и неуспевате навреме да ги спроведете планираните активности? Тешко обезбедувате средства за спроведување на вашите проектни идеи?
Проектниот менаџмет е критичен фактор за успехот на секоја организација. Доброто планирање и раководење со проектите е клучниот предуслов да се надминат ризиците и проектите да се спроведат навреме и во планираниот буџет. Оваа обука ќе ви обезбеди знаења и вештини за идентификување на потребите, дефинирање на целите и дизајнирање на успешен проект. Различните алатки за проектен менаџмент, вклучувајќи ја и најшироко употребуваната –логичка рамка, ќе бидат аплицирани и дискутирани преку практични примери за различни ЕУ фондови и инструменти за поддршка.
Оваа обука е наменета за сите оние кои работат на проекти или сакаат да ги развиваат или подобрат вештините за проект менаџмент и планираат во иднина да бидат вклучени во проектни тимови.
Обуката е во времетраење од 32 часа и ќе се спроведува во периодот 07-10 мај во Маврово.
„Односи со јавноста“ со Гонце Јаковлеска
Како да го изградите имиџот на вашата организација? Како да станете повидливи и попрепознатливи за вашата публика? Како ефикасно да комуницирате со медиумите?
Оваа обука ќе ги подобри вашите вештини за односи со јавноста. Ќе го видите процесот на подготовка на стратегија за односи со јавноста, ќе ги запознаете алатките за комуникација со јавноста и со медиумите, ќе научите како се прави добра презентација, како да му одговорите на новинарот во телевизиско или радио интервју и како да комуницирате во услови на криза. Телевизиското и радио интервјуто ќе се одвиваат во телевизија, односно радио со активни новинари.
Оваа обука е наменета за сите кои во текот на своето работење имаат контакти со јавноста и придонесуваат во градењето на имиџот на својата организација.
Обуката е во времетраење од 32 часа и ќе се спроведува во периодот 28-31 мај во Скопје.
„Стратегија за успех“ со Фатмир Битиќи
Дали имате визија за вашата организација после неколку години? Знаете ли како ќе стигнете до таму? Кои се препреките?
На оваа обука ќе стекнете познавање на сеопфатен сет на алатки со кои ќе можете да ги утврдите критичните прашања за вашата организација, да ја дефинирате нејзината визија и поставите реални и мерливи цели, да идентификувате стратегии кои ќе овозможат подобро позиционирање на организацијата, да формулирате стратешки план кој ќе овозможи напредок и раст на вашата организација и да ги приоретизирате мерките за неговото остварување.
Оваа обука е наменета за оние кои имаат потреба од брз, едноставен и логичен пристап за креирање на успешен стратешки план.
Обуката е во времетраење од 32 часа и ќе се спроведува во периодот 05-08 јуни во Охрид.
„Раководење и развој на човечки ресурси“ со Сунчица Саздовска
Дали човечките ресурси ангажирани во организацијата се соодветни? Дали има можности за нивен развој? Кои би биле придобивките за вашата организација од воведување на систем за раководење со човечки ресурси?
Обуката ќе обезбеди да научите алатки за да осигурате дека сте ги избрале вистинските луѓе за вистинското место, дека тие ги развиваат своите компетентности во согласност со задачите кои ги добиваат, работат со и го почитуваат тимот и се мотивирани да го даваат својот максимален придонес во организацијата за таа да ги максимизира своите стратешки цели.
Обуката е наменета за сите оние кои се заинтересирани да научат за раководењето со човечки ресурси за сопствени потреби или пак сакаат да помогнат во воведување или подобрување на системот за човечки ресурси во својата организација.
Обуката е во времетраење од 24 часа и ќе се спроведува во периодот 26-28 јуни во Охрид.
„Напреден менаџмент“ со Сашо Клековски
Се соочувате со големи предизвици и потреби за промена во вашата организација? Вработените не ги прифаќаат промените и имате потешкотии да се справите со тоа? Потребна е промена на организациската структура? Во недоумица сте дали треба да воведете нови стандарди во вашето работење?
Успехот на една организација е директно поврзан со способноста на нејзините менаџери навреме да ги согледаат заканите во опкружувањето, да го поттикнат најдоброто во секој вработен, да извлечат максимум од тимот како целина и да применат соодветни пристапи за организациско прилагодување и промени. На оваа обука ќе ги обновите своите раководни знаења и вештини, и ќе научите нови раководни техники. Програмата ги акцентира лидерството, менаџерските вештини, донесувањето одлуки и организациското учење.
Обуката им е наменета на сегашни и идни менаџери со одредено искуство на раководни функции кои сакаат да ги подобрат вештините за раководење.
Обуката е во времетраење од 48 часа и ќе се спроведува во тек на два месеци почнувајќи од 10 Септември до 10 Ноември два пати неделно во Скопје.
„Добро владеење/управување во граѓански организации“ со Емина Нурединоска
Сакате да порверите дали ги практикувате принципите на добро управување? Дали е јасно во организацијата кој ги донесува одлуките, а кој ги извршува? Дали често си го поставувате прашањето за судир на интересите? Дали сте размислиле какви промени може да ви донесат повисоките стандарди на раководење?
Обуката за добро управување ќе ви помогне да ги разберете законските обврски за вашата организациска структура, но ќе ве однесе и чекор понапред - да ја увидете потребата од јасна поделба на одговорностите што ќе овозможи поголема отчетност, транспарентност, одговорност и партиципативност на вашата организација. Преку теоретски решенија и практични совети и алатки за примена на принципите на доброто управување ќе се стекнете со основните вештини и знаења од оваа област.
Обуката е наменета за раководството на граѓанските организации (здруженија на граѓани и фондации), пред се за лицата кои се дел од неизвршните односно надзорните органи, но и за лицата кои се задолжени за секојдневното раководење и извршување на одлуките во организацијата.
Обуката е во времетраење од 24 часа и ќе се спроведува во периодот 11-13 септември во Маврово.
„Финансиско раководење за почетници“ со Александар Кржаловски
Стравувате ли од толкувањето на финансиските податоци? Не говорите на ист јазик со одговорниот за финансиите во вашата организација? Имате проблем во презентирањето на резултатите од вашето финансиско работење?
Во актуелниот момент кога во контекстот брзо се случуваат промените, еден од основните услови да се овозможи раст на организациите е тие да развијат разбирање и доверба кон користењето на алатките за финансиско раководење.Оваа обука ви обезбедува знаења, практични вештини и самодоверба во интерпретацијата и употребата на финансиските информации. Таа овозможува да го разберете јазикот, алатките и техниките за финансиски менаџмент.
Обуката им е наменета на сите оние кои сметаат дека финансиското планирање и раководење ќе им биде потребно во нивната работа. Обуката им е наменета на учесници кои немаат специфична финансиска едукација.
Обуката е во времетраење од 24 часа и ќе се спроведува во периодот 16-18 октомври во Охрид.
Пријавување
Преземете ја пријавата за обуката или да ја добиете во седиштето на МЦМС (ул. Никола Парапунов, бб) Пополнетата пријавата испратете ја на адреса МЦМС, поштенски фах 55, 1060 Скопје или на факс: 02/3065 298 или на e-mail адресата: obuka@mcms.org.mk. За повеќе информации побарајте ја Афродита Муслиу.
Стипендии
Со цел да промовира еднакви можности за најмотивираните кандидати МЦМС ќе обезбеди стипендија во висина до 70% од вкупната цена на обуката. При селекција на добитниците на стипендии ќе се води сметка поддржаните кандидати да бидат претставници на маргинализирани заедници, рурални подрачја или мали организации и претпријатија и да имаат јасна цел како стекнатото знаење ќе го применат за поширока добивка за организацијата и за заедницата.
Преземете ја пријавата за обуки.
Преземете го огласот во пдф формат.
|