Јавна расправа за предлог на
СТРАТЕГИЈА ЗА СОРАБОТКА СО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР
Граѓанските организации и Владата на Република Македонија разговараа за предогот на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор. „Свесна за важноста на демократскиот израз, ефикасноста и умешноста на граѓанските организации, во Стратегијата, Владата ги внесува основите на соработката со граѓанските организации и се зазема систематски да ги зајакне основните услови за побрз и поефикасен развиток на овој сектор“, рече во своето обраќање г-ѓа Даниела Трајановска, Генерален секретар на Владата.
На 30 ноемврии оваа година во хотелот Холидеј ин се одржа Јавна расправа за предлог Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор. На големиот број заинтересирани претставници на граѓанските организации им се обратија г-ѓа Даниела Трајановска, Генерален секретар на Владата на РМ и г. Луиџи Сандрин, Раководител на Европската агенција за реконструкција.
„Свесна за важноста на демократскиот израз, ефикасноста и умешноста на граѓанските организации, во Стратегијата, Владата ги внесува основите на соработката со граѓанските организации и се зазема систематски да ги зајакне основните услови за побрз и поефикасен развиток на овој сектор“, рече во своето обраќање г-ѓа Трајановска. „Ќе имаме редовна институционална соработка, многу поповолни услови за делување на граѓанскиот сектор, партнерски односи и црпење на знаењата, ставовите, градење на политиките за развој на нашата заедничка Македонија“, додаде таа.
На Јавната расправа зборуваа и Сузана Никодијевиќ-Филиповска, Раководител на секторот за анализа на политики и координација при Владата на РМ и Елизабета Недановска, раководител на Одделението за соработка со невладините организации во Владата на РМ. „Не постои демократија и национална солидарност без социјален дијалог, функционален систем на претставување на интересите и силно граѓанско општество“, рече во своето обраќање г-ѓа Никодијевиќ-Филиповска. „Изработката на Предлог-Стратегијата во голем степен беше партиципативна и е резултат на активностите во Проектниот тим на КАРДС Проектот „Техничка поддршка на Одделението за соработка со граѓанското општество во Владата“ што се реализира преку Европската Агенција за реконструкција, во соработка меѓу COWI од Данска, INTRAC од Англија и Македонскиот центар за меѓународна соработка, претставници на релевантните државни институции како и претставници од граѓанските организации, избрани од Граѓанската платформа на Македонија“, додаде таа.
Најзначајната улога на Одделението за соработка со невладини организации е координирањето на реализацијата на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор. „Одделението активно ќе учествува во спроведувањето, следењето и ревизијата на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор“, рече Елизабета Недановска. „Ова значи дека ќе се врши постојана ревизија на мерките и активностите, подготвување на извештаи за извршување на мерките од активностите и редовно запознавање на Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор за тековните состојби, како и преку предлагање на поефикасни активности за реализација на мерките“, додаде Недановска.
Текстот на предлог Стратегијата го презентираше г-ѓа Наташа Габер-Дамјановска. Целиот текст во пдф формат може да го преземете подолу.
Претставниците на граѓанските организации имаа можност по презентацијата да ги кажат своите забелешки и сугестии до тимот што работеше на текстот на Стратегијата. Тоа најчесто беа сугестии да се внимава на критериумите за транспрентно финансирање од страна на Владата што е една од компонентите на проекотот за Техничка поддршка на Владата, но и за поголема вклученост на граѓанските организации во донесувањето на законите кои имаат влијание на нивното функционирање.
Се очекува Стратегијата да биде усвоена од страна на Владата до крајот на оваа година.
Предлог Владина стратегија за соработка со граѓанскиот сектор (пдф верзија)
|