Изложба во МКЦ Битола

Уникатни калеидоскопи подарок за децата

Уникатни калеидоскопи, изработени од креативните раце на волонтери, од 13 до 20 март беа изложени во просториите на Младинскиот културен центар - МКЦ во Битола. По завршувањето на изложбата, калеидоскопите ќе бидат подарени на децата од маргинализираните групи, со цел, како што велат членовите на МКЦ, да им го направат денот поинаков.

Овој настан е организиран во рамките на културната агенда на МКЦ, во насока на поддршка на млади уметници и алтернативни уметности, со што и се одбележува 10 години од постоењето на организацијата. Креаторите на калеидоскопите, волон­терите, им препорачаа на посетителите на  изложбата: „...Неспоредливо е чувството кога самите ќе погледнете низ калеидоскопите, ќе ја почувствувате нивната магија, тој витраж кој оживува пред вашите очи, можеби некој ќе добие инспирација и ќе ни се придружи во нашите активности...”

Калеидоскоп е грчки збор кој значи  „убав поглед”. Тоа е играчка која содржи светло обоени тркалачки објекти и сет од огледала кои го рефлектираат погледот од објектите во повторувачки, симетрични витражи.

К.Б.