Кампања

“Корупцијата во здравството – рак-рана во општеството”

Движењето за промоција на правата на лицата со хендикеп „Полио плус” на 5 март го објави почетокот на кампањата за борба против корупцијата во здравството насловена како „Корупцијата во здравството – рак-рана во општеството”.

„Кампањата има за цел да ја алармира јавноста за корупцијата во здравството како најметастазиран облик на корупција и создавање и примена на антикоруптивни мерки, акции, набљудување и соработка на главните чинители во овој процес, што треба да резултира со нагризување на нераскинливиот коруптивен синџир”, рече на прес-конференцијата претседателот на „Полио плус”, Звонко Шаврески.

Специфичните цели на овој проект, како што истакна тој, се да се алармира за подигање на свеста за долгорочното уназадување што му го прави корупцијата на здравствениот систем, а потоа индиректно и на луѓето, да се оформат клетки на граѓанско дејствување и унапредување на законската рамка преку активности за донесување закон за заштита на правата на пациентите. Кампањата ја спроведува „Полио плус”, заедно со Здружението за здравствено просветување и унапредување на здравјето, Асоцијацијата на студентите по медицина и други организации за лица со хендикеп, во парнерство со медиумите. Во нејзините рамки планирано е да се спроведат тркалезни маси за унапредување на законската рамка.

Кампањата на „Полио плус” е поддржана преку Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од УСАИД, а спроведен од партнерски конзорциум предводен од Институтот за трајни заедници. 

МИА