коментар
Започна Декадата на интеграција на Ромите
2005 година започна доста интензивно кога е во прашање интеграцијата на најголемото малцинство во Европа – Ромите. Официјално, на 2 февруари во Софија, Бугарија, премиерите на Македонија, Бугарија, Унгарија, Хрватска, Србија и Црна Гора, ешка, Словачка и Романија, по иницијатива на своите земји, а во организација на Светската банка и Институтот Отворено општество, се сретнаа на меѓународна конференција и ја потпишаа Декларацијата за иницијативата „Декада за интеграција на Ромите”. Декадата предвидува целосно вклучување на ромското население во економскиот, социјалниот и општествениот живот во овие земји, а секоја земја определи свои цели за подобрување на четири приоритетни дејности - образование, домување, вработување и здравство.
Македонија веќе има усвоено државна стратегија за поуспешно вклучување на Ромите во општеството. Тие ги уживаат сите демократски права во земјава, во која се 2,66 проценти од населението, или според последниот попис 53.879 етнички Роми. Македонија е единствената земја што официјално го има признаено ромскиот јазик. Ромската етничка заедница е конститутивна, Ромите имаат свои политички партии, парламентарци, заменик-министер во Владата, имаат единствена ромска општина во Европа со градоначалник Ром... Ромите можат да следат програма на мајчин јазик на националната телевизија, или на двете приватни ромски телевизиски куќи, имаат весници на својот мајчин јазик, тие имаат бројни граѓански здруженија...
Македонскиот центар за меѓународна соработка го дава својот придонес преку програмата Применето образование за младите Роми (ПОР). Во тој правец, неодамна, со помош на МЦМС, беше објавена споредбената анализа „Интеграција на Ромите во Словачка и во Македонија” на авторот Ебен Фридман. Анализата е дел од пообемниот труд на Фридман со наслов „Објаснување на политичката интеграција на малцинствата: Ромите како тежок случај”. Но, и покрај сето ова, тие и понатаму остануваат на маргините на општеството, борејќи се со сиромаштијата, слабото образование и условите во кои ги извршуваат секојдневните човекови потреби. Дали досегашниот пристап за интеграција на Ромите во македонското општество, кој очигледно не е ефикасен, ќе продолжи, или пак конечно нешто ќе се промени со усвојувањето на Декадата за интеграција на Ромите, останува да видиме во годините пред нас.
Даниел Медароски
|