Јавна расправа за измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации
Организации од јавен интерес, најголема новина во Законот
Здруженијата на граѓани и фондациите и други заинтересирани лица имаа можност да дадат коментари на нацрт-верзијата на предлог-измените и дополнувањата на Законот, пред тој да биде доставен до Владата на РМ
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Министерството за правда и Меѓународниот центар за непрофитно право ИЦНЛ (International Center for Not-for-Profit Law), на 2 март 2004 г., во Клубот на пратениците во Скопје, организираа јавна расправа за работната верзија на предлог-измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации.
“Денешниот собир, односно завршната фаза на расправата за измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации, е пример за модел како во иднина треба да се донесуваат вакви закони – со вклучени граѓански организации, со министерства и владини институции, со домашни и странски експерти, сите заедно”, потенцира Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС.
Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, министерка за правда, на јавната расправа истакна: “Се работи за значаен закон којшто го имаат сите развиени демократски земји и кој треба да ги зајакне демократските принципи. Законот за ЗГ е донесен во 1998 год. и тој пополни една празнина во оваа област, а со потребното допрецизирање на некои делови од него, благодарение на сите вклучени страни, се надеваме дека измените на Законот ќе бидат официјализирани и пред предвидениот рок”.
“Работната верзија на измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации ја прецизираме веќе една година, до денес. Во измените главен акцент ставивме на стопанските активности на ЗГ и на потенцирање на статусот на организациите од јавен интерес. Потоа, новина ќе претставува тоа што право да основаат ЗГ ќе имаат и правни лица, а не само физички лица. Со измените се предлага покрај управен одбор, ЗГ задолжително да предвиди и надзорен одбор во неговата структура”, појасни д-р Борче Давитковски.
Давитковски е автор на Законот за здруженија на граѓани и фондации и автор на предлог-измените на Законот, заедно со д-р Наташа Габер-Дамјановска.
“Изборот на организација од јавен интерес ќе го врши државна комисија, финансирана од државниот буџет и формирана од Владата. Таа ќе биде самостоен седумчлен орган – 1 член постојано од Министерството за правда, 3 ротирачки членови од другите министерства и 3 експерти од граѓанскиот сектор, со мандат од 5 години. Државата за ваквите здруженија ќе обезбеди даночни ослободувања, тие ќе бидат повластени и ќе можат да добијат одредени буџетски средства. Но, тие нема да бидат вечни, туку ќе мора да го оправдуваат статусот на ЗГ од јавен интерес”, појасни авторката Габер-Дамјановска.
На расправата учествуваа здруженијата на граѓани и фондации и други заинтересирани лица кои имаа можност да дадат коментари на нацрт-верзијата на предлог-измените и дополнувањата на Законот, пред тој да биде доставен до Владата на Република Македонија.
Предлог-измените и дополнувањата на законот можете да ги најдете на www.graganskisvet.org.mk
Д. Медароски
|