Светскиот форум бара решенија за војната и сиромаштијата
Отпор кон глобалната доминација на мултинационалните корпорации
Програмата овој пат беше повеќе насочена кон поблиска соработка со грасрут-организаторите, наместо да се потпре на етаблираното раководство на форумот
ПОРТО АЛЕГРЕ, Бразил – Дури и пред официјалното отворање на Петтиот Светски социјален форум на 26 јануари, градот “вриеше” од активисти за мир и правда, синдикалци, организатори од заедниците, како и младинци и студенти од сите пет континенти. Редиците за пријавување на Светскиот социјален форум се одликуваа со разновидност на бои и возрасти. Имаше големо присуство на млади луѓе и можеше да се чујат најмалку шест јазици во исто време. Персоналот и волонтерите ја вршеа регистрацијата брзо, што беше добро со оглед на тоа дека се предвидуваше присуство на околу сто илјади учесници. Форумот се одвива во време кога во Јужна Америка се случуваат длабоки промени, особено во Венецуела, Уругвај, Бразил, Боливија и Аргентина. Венецуелската “Боливанска револуција” предводена од претседателот Хуго Чавес е најдраматичниот пример на отпорот на континентот кон странската експлоатација и неолибералните економски политики, како на пример американски-инспирираната “Слободна трговска зона на двете Америки”.Форумот се одвива во сенка на катастрофалните цунами од југоисточна Азија кои предизвикаа смрт на повеќе од 150.000 луѓе и оставија зад себе милиони бездомници и сиромашни. Организаторите на форумот најавија специјална кампања која ќе се одвива тука за “целосно, итно и безусловно укинување на долгот” за 11 земји од Азија и Африка погодени од цунамите. Кампањата е предводена од групи како, на пример, Јужната јубилејна мрежа и Комитетот за укинување на долгот на третиот свет. Форумот исто така се случува набрзо по инаугурацијата на претседателот Џорџ В. Буш, чии политики за превентивна војна, илегална окупација на Ирак, измачувања и неконтролирани воени трошоци предизвикаа бројни демонстрации за мир и правда во целиот свет, вклучително и планираниот Меѓународен ден за акција за мир кој треба да се случи на 19 март. “Заедно за мир и правда” е коалиција од американски групи која е меѓу оние учесници на форумот што се залагаат за координирана акција во целиот свет за “зауздување” на воените акции на Бушовата администрација. Светскиот социјален форум е основан во 2001 година кога 20.000 учесници од 117 земји се собраа речиси спонтано да го искажат својот отпор кон капиталистичката глобализација. Тој бројно растеше секоја година. По три години по ред во Порто Алегре, минатогодишниот се одржа во Бомбај, Индија, а учество зедоа околу 111.000 учесници од 123 земји. Оваа година, форумот се одржува од 26 до 31 јануари. Форум се нарекува себеси “отворено место каде што групите и движењата на граѓанското општество – противници на неолиберализмот и светот доминиран од каков било вид империјализам…. се состануваат/собираат да ги спроведат своите мислења, да дискутираат за своите идеи на демократски начин, да изготвуваат предлози… и да се вмрежуваат за заедничко дејствување”. Оваа година, форумот е организиран околу 11 основни “тематски терени”: одбрана на Планетата и на луѓето кои живеат на неа од транснационално; креирање на човековата уметност; изградба на слободни медиуми; одбрана на разликите, заштита на човековите права, бранење на суверенитетот на националните економии; развивање глобален морал; борба против неолибералната доминација; промовирање на мирот; отпор кон апропријацијата на знаењето за профит; и, изградба на нов, демократски поредок. Учесниците имаат избор од повеќе од 2.000 активности, вклучувајќи панел-дискусии, собири, културни екстравагантности, дебати, специјални т.н. “тематски шатори” (за локални луѓе, луѓе со африканско потекло, Палестинци, луѓе од Куба и Венецуела, екуменска соработка) и стотици изложби. Раководното тело на форумот, Меѓународниот совет, вклучува претставници од светското работничко движење, како на пример АФЛ-ЦИО и широк ранг на групи кои се борат за човекови права, мир, заштита на животната средина, млади и жени. Како и изминатите години, голем број учесници, илјадници од нив, се очекуваат да пристигнат од САД. Меѓу нив има активисти од синдикатите, активисти за мир и правда, за животна средина, академици и избрани службени лица. Делегацијата на Бразил се очекува да биде најбројна. Форумот традиционално се одржува во исто време со Светскиот економски форум, кој пак се одвива на луксузна локација во Давос, Швајцарија, каде што светската финансиска и бизнис-елита изготвува економски планови и дава изјави за светските проблеми. Спротивно на тој свет на експлоатација и угнетување, Светскиот социјален форум ги инспирира своите следбеници со слоганот “Поинаков свет е возможен”. Оваа година, форумот доживува голем број иновации. Делумно како одговор на критиките дека на претходните средби присуствуваа претежно претставници на поедуцирана елита (освен во Бомбај, каде што имаше поголемо присуство на работничката класа и сиромашните), главното место на одржување на активностите се премести од Католичкиот универзитет на Порто Алегре на “Светската социјална територија”, големо земјено пространство долж реката Гваиба. Исто така, програмата овој пат беше повеќе насочена кон поблиска соработка со грасрут-организаторите, наместо да се потпре на етаблираното раководство на форумот. Згора на тоа, 11-те “тематски терени” беа експлицитно насочени кон подобрување на можностите за конкретна светска акција, која не би останала само на зборови. Јасно е дека светските народи не остануваат пасивни пред многуте глобални проблеми со кои се соочени. Светскиот социјален форум ја отсликува с$ поголемата загриженост и отпор кон глобалната доминација на планетата од страна на мултинационалните корпорации и најверојатно ќе понуди нови предлози и најдобри насоки за иднината.
|
|