Коментар

Кучињата лаат, караванот си врви

 

Во екот на предизборната кампања кога политичките партии ги прават последните обиди да заработат уште некој поен кај гласачите, граѓанските организации можат да одбележат уште еден обид на власта да поентира на нивна сметка.

Секоја година од буџетот на Република Македонија се одвојуваат околу 15 милиони МКД за финансирање на здруженија на граѓани и фондации. И за разлика од претходната година, кога Владата одлуката ја донесе во ноември, оваа година таа покажува „неверојатна” ефикасност со објавување на одлуката на 20 јуни. И годинава, повторно, за разлика од претходната, на одлуката се потпиша лично премиерот. Да се чудиш за што ли се работи... Одеднаш добивме на приоритет.

Но откако ќе се погледне листата на „добитници” воодушевувањето спласнува, меѓу другото и поради увидот во тоа на што се должела ефикасноста. Работата била „цопѕ”, „пасте”. Сето она на што се жалеа граѓанските организации во минатото, сериозните отстапувања од критериумите коишто самата влада ги има донесено во 2000 година, се повторуваат. Па така на листата повторно се најде Сојузот на синдикатите на Македонија кој не е ниту здружение, ниту фондација т.е. не е регистриран според законот за здруженија на граѓани и фондации. А сумата која му е доделена (2.000.000 МКД) е неспоредливо повисока од сумите за здруженијата на граѓани, од кои дел ќе треба да прават „чуда” со 20.000 МКД за да го постигнат со критериумите, бараното влијание на национално ниво. Постојат и низа одбрани организации за финансирање за коишто дури и оние луѓе кои континуирано и детално ја следат областа не можат да потврдат дека сеуште се активни. За транспарентноста на многу од одбраните и да не говориме, а и тоа е еден од критериумите.

Финансиски средства им се доделени и на повеќе организации коишто имаат не локален, не месен, туку маалски карактер, а се работи за национален буџет. Какво ли значење пак тие ќе имаат на национално ниво?

И во суштина ништо не се изменило. Останува народната  Кучињата лаат, караванот си врви. Рака на срце, овој пат „од нам непознати причини”, и подранил. Добар обид, но ...

 

Сунчица Саздовска