Осмомартовска иницијатива

Насилството врз жените да се санкционира со посебен закон

Денот на жената, 8 Март, Сојузот на организациите на жените на Македонија годинава го одбележа со конференција одржана во Скопје, под насловот „ 8 Март поинаку”, и со започнување на кампањата „Нулта толеранција за насилството врз жените”. Конференцијата ја организира Националниот совет на жените во Р. Македонија, во соработка со Одделението за унапредување на родовата еднаквост при Министерството за труд и социјална политика, министерствата за правда и за внатрешни работи и НВО „За среќно детство”.

Споменатата кампања ќе трае една година и нејзиниот акцент ќе биде ставен на третманот на насилникот во семејството. Планирано е отворање интервенциски центри во кои со посебни програми ќе се работи со насилниците. Во рамките на кампањата ќе се иницира и донесување закон за семејно насилство со кој ќе се санкционира секој вид физичко и психичко малтеретирање на жените, со оглед на тоа дека засега единствените членови кои ги санкционираат овие постапки се содржани во Законот за семејство и во Казнениот законик, а тие се многу скудни. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, планирано е спроведување проект за едуцирање на полицајците и социјалните работници кои постапуваат со жртвите на семејносот насилство, за начините на нудење помош и советување на жртвите. Најавена е изработка на единствена база на податоци за овој проблем, бидејќи засега секоја граѓанска организација или институција која се занимава со семејното насилство има свои податоци. Во рамките на кампањата треба да биде формиран и тим составен од доктор, социјален работник, психолог и полицаец кои ќе излегуваат на терен на секоја пријава за семејно насилство. Дел од кампањата е и соработката со Министерството за труд и социјална политика каде во тек е изработка на национален план за родова рамноправност, а еден негов посебен дел се однесува на насилството врз жената.

„Почитувањето, заштитата и исполнувањето на човековите права на сите нејзини граѓани, а во таа насока и зачувувањето на правото на жените да не бидат субјект на какво било насилство од која било личност, е приоритет и одговорност на националната политика на Македонија”, рече претседателот Бранко Црвенковски, на отворањето на конференцијата.

Дел од кампањата е и соработката со Министерството за труд и социјална политика каде во тек е изработка на националниот план за родова рамноправност во кој посебен дел се однесува на насилството врз жената.

С.Н.