Извештај на Светската банка
Показатели на светскиот развој за 2005
Во новиот извештај на Светската банка за показателите на развојот кој беше издаден во април, се бара побрз напредок во намалувањето на смртноста кај децата, како и поголем процент на запишани деца во основните училишта, особено девојчиња. Извештајот бележи дека пет години по Милениумската декларација, многу земји напреднаа во поглед на остварувањето на целите на декларацијата, но и дека има уште повеќе кои се уште заостануваат. Според извештајот, потребен е брз напредок во намалувањето на смртноста на мајките и децата, поттик на уписот во основните училишта и отстранување на пречките за запишување на девојчињата на училиште. Во извештајот за ПСР исто така се вели дека само 33 земји се на вистинскиот пат да ја остварат целта за 2015 година која се однесува на намалувањето на смртноста на децата за две третини во споредба со нивото од 1990 година. Речиси 11 милиони деца во земјите во развој умираат пред да наполнат 5 години, повеќето од нив од причини кои во побогатите земји лесно можат да се спречат. Податоците добиени од страна на Светската банка сугерираат дека четири региони (Источна Азија и Пацификот, Источна Европа и Централна Азија, Јужна Америка и Карибите и Средниот Исток и Северна Африка) имаат постигнато значителен напредок во поглед на намалувањето на смртноста на децата, и тоа со две третини. Со најтежок предизвик се соочува Африка (под Сахара). Целосниот извештај е достапен на: www.worldbank.org/data/wdi2005. Т.Х.
Канада
Студијата против насилството врз доморотките
Канада планира да финансира студија во вредност од 5 милиони долари за борба против убивањето и силувањето жени доморотки и да помогне во изготвувањето закони, полициски процедури, социјални услуги и државно образование, изјавила групата на жени-доморотки.
Повеќе од 500 жени доморотки се исчезнати или убиени во последните 20 години. Иако се само три проценти од вкупното население во Канада, тие претставуваат 29 проценти од жените затворенички во државните затвори, проценуваат Канадските групи за права на жените.
Обединетите нации се избрани како место за соопштението поради одржувањето на конференцијата на Постојаниот форум за локални прашања при Обединетите нации.
Според Родолфо Штавенхаген, професор од Мексико, кој работи како специјален известувач и истражувач за локалното население, специфичните потреби на домородното население премногу долго биле запоставувани, а стапките на самоубиство, проституција, како и проблемите со добросостојбата на децата, се особено изразени во урбаните области на Канада.
Целта на дејствување на жените доморотки е да се подготват децата доморотци за живот во “општеството на белците”. Но, обидите за асимилациаја за многумина од нив претставуваат психичка и емоционална злоупотреба и дискриминација, како и губење на својата култура. “Губењето на идентитетот има врска со ова”, рече Штавенхаген. Г.Ш.
Судан
Властите затвориле локален дневен весник на еден ден
На 21 мај властите во Судан го затворија дневниот весник Картум монитор (КМ) со седиште во Аркавајт, гратче во близина на главниот град Карторум, поради несогласување во врска со две статии кои весникот имал намера да ги објави. “Проблемот лежи во цензурата. Владата се обидува да не цензурира, а ние се бориме”, изјави за ИРИН во неделата Вилијам Езекил, главен и одговорен уредник на КМ.
Езекил примил повик од обезбедувањето во 23 часот и од него се побарало да ги замени двете статии кои се однесувале на судирите што се случиле помеѓу внатрешно раселените лица и безбедносните сили на Судан во кампот Соба Еради, камп на ВРЛ. Борбите избувнале кога безбедносните претставници се обидела насилно да ги преместат ВРЛ од Соба Еради, 30 километри јужно од Картум. Се вели дека најмалку 30 луѓе - 14 полицајци и повеќе од 20 ВРЛ биле убиени во немирите. Во првата статија под наслов “Престанете да ги заплашувате невините”, било побарано да се избрише напишаното во врска со безбедносните сили. Втората статија, пак, пишувала за вознемиреноста на една внатрешно раселена мајка која ја загубила својата 13-годишна ќерка во немирите од средата. Г.Ш.
|