Информативен караван
Доматот монструм предупреди на опасноста од ГМО
Здружението на граѓаните Еко-свест и Пријатели на Земјата Европа (Фриендс оф тхе Еартх Еуропе - ФоЕЕ), во текот на јуни, во неколку градови во Македонија реализираа „Турнеја на доматот Монструм во Македонија”. Проектот беше замислен и реализиран како информативен карван за генетски модифицираните организми (ГМО). Низ Охрид, Битола, Велес, Струмица и Скопје, организаторите, придружени со 6 метри висок домат кој ги покажува забите, ја информираа јавноста за тоа што се ГМО и кои се ризиците од нивната употреба, како и за веќе познатите негативни влијанија од одгледувањето на култури и употреба на продукти од ГМО со примери од целиот свет. Одгледувањето на ГМО-културите има и значаен негативен ефект врз фармерите, заканувајќи им се директно на нивната егзистенција. Турнејата на доматот монструм, според организаторите од Еко-свест, имаше за цел да ја објасни моменталната ситуација и зголемените ризици од одгледување и влез на ГМО-култури во Македонија.
„ГМО е непозната тематика за македонската јавност. Трансгенетските растенија кои се добиваат со неприродни модификации ги зголемуваат ризиците и негативно влијаат врз природната средина и човековото здравје. Во Македонија законот за ГМО с$ уште не е донесен и со тоа не е воспоставен механизам за контрола на влез на истите”, информираат во Еко-свест. Според нив, една од целите на турнејата на доматот монструм е промовирање на идејата за декларирање на слободни зони на ГМО на територијата на Македонија. Граѓаните на петте града се потпишуваа и на петицијата против внесување ГМО во земјава која ќе биде доставена до надлежните институци, до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Настанот беше финансиран од Глобал грингрантс фонд и има за цел да ја подигне јавната свест за ризиците и негативните ефекти од употребата на ГМО врз животната средина и човековото здравје. Турнеи на доматот монструм во јуни имаше и во Романија и во Бугарија.
С.Н.
|
|