УСАИД
Грантови за најуспешните компании во рециклирање пластични шишиња
УСАИД - проектот за рециклирање пластика, обезбеди 25.000 долари наменети за набавка на нова опрема и алат на компаниите кои се занимаваат со рециклирање во Македонија. Грантови добија осум компании од повеќе градови во државата со кои соработува УСАИД на овој проект. Добитници на грантови се „Еко ерас” од Велес, „Провавил” од Скопје, „Сончев рид” од Шлегово, „Еко флор” од Боговиње, „Муамед АГ” од Гостивар, ЈП „Чистота и зеленило” и „Баском ИНД” од Куманово, „ЕРХ Пластика” од Скопје и ЈКП „Пролетер” од Ресен. Компаниите биле избрани според количините на собрани пластични шишиња, нивниот организациски капацитет и предложената инвестициска програма.
Во моментов, тимот на проектот на УСАИД за рециклирање пластика работи и со четири селектирани пилот-општини - Струмица, Кочани, Гостивар и Карпош во спроведувањето на општинската програма за рециклирање пластика, а се очекува собирањето да се зголеми значајно кога општините ќе заземат поактивна улога во организирањето на програмата за примарно селектирање на пластичниот отпад.
„Целта на оваа финансиска помош е да се зајакне тековното собирање на пластиката и да се прошири програмата низ цела Македонија, што ќе доведе до понатамошен развој на економски исплатлива програма за рециклирање пластика”, вели Љупчо Аврамовски, директор на Проектот на УСАИД за рециклирање пластика.
Преку проектот за рециклирање пластика, вклучувајќи ги и претходните три фази, УСАИД има инвестирано повеќе од 150.000 долари од 2003 година и планира да инвестира 1 милион долари во текот на следните две години. Количината на собраната и рециклираната пластика во Македонија годинава пораснала на близу 1.500 тони годишно, создавајќи над 600.000 долари во извоз и пораст од 50 насто во споредба со минатата година.
Се очекува собирањето значително да се зголеми кога во проектот ќе се вклучат општините со програми за примарно селектирање на пластичниот отпад.
|
|