Резиме
Европската комисија управува со, и распределува, скоро 12 милијарди евра помош секоја година. Во текот на 15 години, од 1991 до 2006 година, ЕУ ќе има обезбедено 10 милијарди евра помош за земјите од поранешна Југославија и Албанија, најмногу во рамките на програмата КАРДС. Со текот на времето, голем број од проектите развија комплициран систем на изготвување на програмите и управување со нив, заснован врз концентрирано и деконцентрирано управување. Додека Канцеларијата за европска помош е надлежна за управување со проектниот циклус, Генералниот директорат за надворешни односи и развој се занимава со изготвување програми за развој на политиката и стратегијата за надворешната помош на ЕУ.
Денешниот статус на Македонија во нејзините односи со ЕУ е с$ уште статус на трета земја. Денес Македонија има многу мал пристап до изворите на фондови на ЕУ и расположливите механизми за лобирање и застапување во политиките на ЕУ што се однесуваат на земјата. Македонија беше прва земја од Балканот којашто ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Прашалникот според кој ќе биде проценета подготвеноста на земјата за започнување на преговорите за членство беше поднесен до ЕК на 14 февруари 2005 година. Македонија добила вкупно околу 606 милиони евра како помош од ЕК меѓу 1992 и 2003 година. Денес КАРДС и ЕИДХР се најзначајните програми за финансирање на здруженијата на граѓани од регионот. За Македонија важат националната и регионалната програма КАРДС.
Распределбата и управувањето со фондовите на ЕУ во Македонија се врши преку Канцеларијата за европска помош, Делегацијата на Европската комисија и Европската агенција за реконструкција. Фондовите на КАРДС распределени во царинскиот сектор, програмата ТЕМПУС, како и оние кои се распределени преку регионалните програми на КАРДС и буџетските ставки на ЕИДХР се централизирани во Европската комисија. Другите делови на програмата КАРДС, како и помошта доделена за поддршка на спроведувањето на Рамковниот договор, се распределуваат и се управуваат од страна на Европската агенција за реконструкција во Македонија.
Имајте предвид дека во сите официјални документи и комуникација со ЕУ, Република Македонија, како што гласи нејзиното уставно име, се именува како Поранешна Југословенска Република Македонија или ПЈРМ. За потребите на овој документ ќе се употребува името Македонија кога се мисли на земјата.
|
|