Светски ден против СИДАта

Живеј и дозволи им на другите да живеат

Под мотото „Живеј и дозволи им на другите да живеат“ денеска ќе биде одбележан Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА - 1 декември. По тој повод во Скопје ќе биде промовирана националната стратегија за борба против сидата.

Во светот се регистрирани 46 милиони случаи на ХИВ/СИДА, а 800.000 од нив се деца. Во Македонија има 18 случаи, а 46 веќе починале. До ноември годинава кај нас е регистриран само еден заразен со ХИВ-вирусот.

На опасноста од смртоносниот вирус ќе предупредат лекарите, невладините организации и активистите на Црвениот крст. Тие ќе одржат повеќе активности во целата земја - трибини, предавања и изложби.

На забавите во некои кафулиња бесплатно ќе се делат презервативи. Денеска и „Градските аптеки“ - Скопје на секој граѓанин што ќе влезе во нивните аптеки ќе им дели презервативи. Во Републичкиот завод за здравствена заштита и на Клиниката за инфективни болести во Скопје во текот на целата година се врши бесплатно, анонимно и доброволно тестирање на ХИВ/СИДА.