Информативен сервис за НВО и за граѓаните

Нов поттик во соработката со локалната самоуправа

Неодамна во Радовиш беше отворен Информативниот сервис за НВО и за граѓаните за соработка со локалната самоуправа. Тој претставува конкретен начин и метод за развој на соработката на граѓанските организации со локалната самоуправа во Радовиш.

Според претставниците на Информативниот сервис, еден од проблемите на граѓанските организации во Радовиш било непостоењето центар за поддршка на граѓанските организации, какви што има во соседните општини (Штип и Струмица), но и недоволната информираност и непостоењето инструмент за соработка, информирање помеѓу граѓанските организации и локалната самоуправа. „Локалната самоуправа досега не & даваше приоритет на соработката со граѓанските организации, ниту ги вклучуваше во креирањето на локалната политика и носењето одлуки”, вели Љупче Ефнушев, одговорен во Информативниот сервис. „Затоа сметавме дека има потреба од овој сервис преку којшто граѓанските организации и самите граѓани непосредно ќе комуницираат со локалната самоуправа”, додаде тој. Во Информативниот сервис очекуваат идната соработка со локалната самоуправа да придонесе за вклучување на граѓанските организации и јавноста во разрешувањето на проблемите во општината.

Граѓаните и граѓанските организации ќе можат да добијат информации за процесот на децентрализација во Радовиш, новиот начин на функционирање на локалната самоуправа, но и бесплатен простор за нивните активности, користење техничка опрема (компјутер, факс) и друго. „Очекуваме зголемување на транспарентноста и обемот на информации за работењето и надлежностите на локалната самоуправа”, вели Ефнушев, „а ние ќе направиме напори да го канализираме и организираме дејстувањето на сите граѓански организации од општината и подготвени сме да се соочиме со новите предизвици, односно со значајните прашања од интерес за сите граѓани во нашата општина”, додава тој.

Информативниот сервис делумно е поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави и е дел од Македонскиот центар за независна иницијатива.

Се наоѓа во просториите на СРЦ „25-ти Мај”, бул. „Александар Македонски” бб, Радовиш. Можете да контактирате на: тел. 032/634-711 или на е-пошта: is_radovis@yahoo.com.