Високото образование на лицата со хендикеп
“ДА ГИ НАДМИНЕМЕ СОПСТВЕНИТЕ БАРИЕРИ”
“Покрај големиот број поразителни бројки и факти се појавуваат и охрабрувачки показатели за подобрување или надминување на бариерите со кои се соочуват студентите со хендикеп во високообразовниот процес”, рече Даниела Стојановска
“ Студентите со хендикеп во Македонија не се еднакви во образованието” истакнаа претставниците на Здружението на студентите со посебни образовни потреби на нивната прес-конференција. Тешкотиите со коишто се соочуваат се многубројни: физичката недостапност на училниците, тоалетите, рестораните и домовите; недостатокот на програма за персонална асистенција како поддршка на процесот на инклузивно образование; недостатокот на наставни средства во алтернативна форма како што се книги на Браево писмо или книги печатени во зголемен формат, книги во аудиоформа, компјутерски програми за лицата со визуелна попреченост потоа, недостаток на организиран транспорт за лицата корисници на инвалидски колички; недостатокот од преведувачи на гестовен јазик; недостатокот на признавање некои типови оштетување, како проблемот при учењето (дислексија) и изолацијата на студентите со хендикеп во специјални домови.
“Замислете еден млад човек со физички хендикеп, закован за својата инвалидска количка кој сака да се запише на Архитектонскиот факултет во Скопје. Тој стои пред чудото од скали и се обидува да смисли како да ја оствари својата желба,” рече на прес-конференцијата Сузана Најдовска, координатор на проектот “Промоција на инклузивно високо образование”. “Замислете ги сите хендикепирани млади луѓе кои сакаат да студираат, а живеат во другите градови во Македонија. Овде тие треба да побараат сместување во студентски дом во којшто ќе се соочат со истите бариери. Ние не сакаме да бидеме патетични, сакаме да ја соочиме јавноста со реалноста, да ја соочиме со фактите”, рече таа.
Истражување
А фактите се дел од истражувањето што го спровеле ова здружение заедно со нивните колеги од Молдавија и од Србија и Црна Гора го спровеле. Резултатите беа презентирани на прес-конференцијата.
“Целта на истражувањето беше да се добие јасна слика за условите, можностите и околностите коишто се присутни во текот на високообразовниот процес на младите луѓе со хендикеп”, истакна Даниела Стојановска, претседателка на здружението. “Покрај големиот број поразителни бројки и факти, се појавуваат и охрабрувачки показатели за подобрување или надминување на бариерите со коишто се соочуват студентите со хендикеп во високообразовниот процес”, додаде таа.
Во истражувањето биле вклучени 29 студенти со хендикеп, или како што рече Стојановска, половината од вкупниот број студенти со хендикеп кои студираат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и на Универзитетот “Св. Климент Охридки” во Битола. Од нив, 15 со телесен хендикеп, 7 со оштетување на видот, 3 со оштетување на слухот и 4 хронично болни. Бројот на девојките е нешто поголем. Анкетните ливчиња ги пополниле 16 девојки и 13 момчиња.
Во поглед на физичката достапност на факултетите, за 9 од испитаниците влезовите се целосно непристапни, за исто толку се делумно пристапни и за 11 студенти тие се комплетно пристапни.
Студентските домови се посебна приказна. Во времето кога се спроведувало истражувањето, четири студенти живееле во студентските домови. Еден од нив бил со телесен хендикеп, а три студенти со проблеми со слухот. За 9-мина испитаници студентските домови се целосно непристапни, за три се делумно пристапни, а за исто толкав број се целосно пристапни.
Истражувањето ја провери и пристапноста на професорите. Дури 20 од испитаните студенти одговориле дека мал број професори се подготвени да помогнат, а 16 рекле дека професорите се подготвени да им помогнат на студентите со хендикеп во текот на предавањата.
Како да ги надминеме бариерите
Претставниците на Здружението на студентите со посебни образовни потреби од прес-конференцијата порачаа дека ќе се залагаат и ќе бараат од институциите и од граѓаните да се заложат за надминување на бариерите од секој вид. Тие побараа подобрување на физичката пристапност, обезбедување транспорт за лицата (студентите) со телесен хендикеп, обезбедување персонални асистенти, обезбедување адекватна опрема за студентите со оштетен вид и промена на Законот за високото образование.
“Сегашниот Закон за високо образование вели дека овие студенти можат да ги користат сите погодности коишто се дефинирани во статутите на секој од факултетите. Анализирајќи ги статутите, сфативме дека такви погодности нема, тие не се дефинирани на факултетите”, вели Даниела Стојановска. “Затоа ќе се залагаме да се променат овие недоречености и празнини во Законот”, додаде таа.
Здружението подготви Повелба за поддршка на мрежа на студенти и младинци од југоисточна Европа. Потписниците на Повелбата ќе ја поддржат мрежата во нејзините напори да создаде услови во коишто хендикепираните студенти и младинци ќе бидат рамноправни во образованието. Повелбата ја потпиша и Азис положани, Министер за образование.
Сузана Најдовска, Координаторка на проектот „Промоција на инклузивно високо образование” Да се преадаптираат студентските домови
Со оглед на фактот дека дел од студентите со хендикеп се од внатрешноста на Македонија, се јави потреба од согледување на реалната состојба на студентските домови во градот Скопје. А реалната состојба е хаотична и катастрофална. Изнајмувањето оди по пат на поткуп и врски, а истите потоа се препродаваат и на тој начин се профитира. Условите што ги нудат во смисла на соби, на заеднички тоалети или пак на студентските кујни се на најниско можно ниво. Оваа состојба покажува на фактот дека за студентите со хендикеп е неопходно да се преадаптира дел од просторот од Студентскиот дом „Гоце Делчев”. Под преадаптација на дел од просторот се подразбира: комплетно адаптирани шест соби со минимум два тоалета (одбележани врати со Браеви ознаки, осветлување од 500 херци за студентите со оштетен вид, висината на предметите да биде во согласност со висината на инвалидска количка), адаптиран дел од менза и дел од читална, адаптација на постоечкиот лифт (ознаки на Браево писмо и ширина на врата за влез на инвалидска количка) и поставување внатрешна и надворешна пристапна рампа.
“Проблем ми е движењето по улица”
Дваесет и четиригодишната Ирена Бојмалиева од Гевгелија е апсолвентка на Правниот факултет, која бележи одлични успеси, иако уште на 16 години го изгубила видот и оттогаш чита со допир, а учи со помош на аудиовизуелен материјал. Студирањето & е олеснето со компјутер со звучен сигнал. “Сама си варам кафе наутро, а можам да подготвам и појадок без ничија помош. Во просторот каде што живеам се снаоѓам лесно, па дури одам и до мензата да земам појадок за цимерките. Проблем ми е движењето по улица затоа што не знам да го користам стапот за слепи, ниту пак можам да се снајдам во непознат простор, бидејќи за разлика од другите лица, никогаш не сум учела ориентација во простор”, вели таа.
Даниела Стојановска, Претседателка на Здружението на студенти со посебни образовни потреби Отворено да зборуваме за хендикепот
За жал, с$ уште постојат студенти со хендикеп коишто на хендикепот гледаат како на бариера во извршувањето на секојдневните обврски и активности. На дел од нив, како интровертни личности, тешко им е пред најблиските и пошироката средина да коментираат и јасно да ги дефинираат своите потреби. Еден дел од нив, неприфаќајќи го својот хендикеп, се трудат да го избегнат тоа и не се декларираат себеси како студенти со хендикеп и тоа е предизвикано од предрасудите и стравот од етикетирањето од средината.
Другиот дел од студентите, оние коишто ја пополнија анкетата, се екстровертни и отворено зборуваат за својот хендикеп, за своите потреби и можности и со нив многу полесно успеваме заеднички да ги воочиме потребите, пречките и тешкотиите и полесно да ги надминеме истите. Но, и едните и другите коишто оваа година ни пристапија и станаа наши членови (коишто не беа вклучени во истражувањето, и се студенти од прва година), оваа година, го согледаа нашиот оптимизам и желбата навистина само да создадеме еднакви услови во коишто тие полесно и поедноставно ќе се вклучат во воспитно-образовниот процес. Само со создавање еднакви услови, овие студенти ќе ја постигнат својата рамноправност, бидејќи тие воопшто немаат посебни потреби, туку имаат исти потреби за коишто се потребни посебни услови за коишто ние како организација се бориме да се реализираат преку измени и дополнување на Законот за високото образование.
|
|