Од Самарјанин, Граѓански патеки и општина Старавина Слики за Батлер, Трајковски и германската амбасада
Преку уметноста да го поддржиме враќањето на животот во Мариово, е основната идеја на организаторите на аукцијата на италијански уметнички слики чиј фонд е наменет за поддршка на проектот „Детско село-Мариово“.
Во организација на ХО Самарјанин, Граѓански патеки и општина Старавина, со поддршка на „Подравка“, „Нестле“ и х. Епинал, на почетокот на октомври во Битола се одржа презентација на проектот Детско село Мариово, и аукција на слики од ликовните колонии на истакнатата италијанска уметничка Лаура Симоне, а кои редовно се донираат во хуманитарни цели.
Со оглед на тоа што Мариово досега го привлекло вниманието на голем број дипломати и државници, организаторите избраа три слики кои дополнително ќе бидат врачени како подарок за оние кои досега покажале особен интрес за развој на Мариово преку проектите наменети за ова подрачје. Така, Самарјанин му подари слика на американскиот амбасадор во РМ Лоренс Батлер, Граѓански патеки на претседателот на државата Борис Трајковски, а општина Старавина на Германската амбасада во Македонија, додека на босанскиот амбасадор во Македонија лично му беше врачена една од сликите за време на аукцијата.
Неговото високопреосвештенство митрополитот австралиско-новозеландски администратор преспанско-пелагониски г. Петар - претседател на ХО Самарјанин објасни дека Детското село ќе биде лоцирано во близина на Градешка Река позната и како Камената Река, кај црквата Свети Димитрија која датира од 15-тиот век, на местото на некогашното училиште ќе израсне нов топол дом за 40 деца без родители. Монтажните куќички веќе се обезбедени, а на иницијатива на жителите на Градешница Детското село ќе го носи името на македонскиот бранител Благојче Силјанов. |
|