Меѓаши се вклучи во светската кампања за враќање на децата во училиште
Секое дете има право на образование
“Децата се наша гордост, наша денешност, иднина. Тие го заслужуваат севкупното наше внимание, трпеливост и посветеност со цел да изградиме здрави граѓани на нашето општество. За тоа е потребно многу внимание и образование”, запиша градоначалникот Трифун Костовски во книгата на пораки во рамките на проектот на Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”, “Да ги вклучиме децата во училиште” на 24 април во Скопје. Во книгата се запишаа и ѕвездите Калиопи, Влатко Стефановски, парламентарката Каролина Ристова-Астеруд, малиот Стефан Плескоњиќ и други. Сите тие морално се обврзаа со сето свое знаење да помогнат најмалку едно дете да го добие задолжителното образование. Децата и возрасните своите пораки ги презентираа подготвувајќи и транспаренти со пораките “Образованието е моќ”, “Над 15.000 деца се надвор од образованието”, “Имам право на сопствено мислење”, “Едно дете повеќе во училиште, едно дете помалку на улица”и др. Беше организиран и едночасовен марш низ скопските улици кој започна во 5 минути до 12 часот, на плоштадот Македонија, кога се собраа стотици граѓани, родители, претставници на основните училишта, на јавните претпријатија и граѓански организации, градоначалници и деца кои ги споделија своите желби за нормален живот на сите деца.
Проектот на “Меѓаши”, кој е дел од глобалната кампања за враќање на децата во училиште, и во нашата држава траеше седум дена. Децата во основните училишта изработија “другарчиња” од хартија, глина, стари алишта и други материјали кои ги симболизираат децата кои не доаѓаат на училиште туку животот го живеат на улица. На плоштадот “Македонија” беше организирана и изложба на детските креации на која беа претставени и “другарчињата”. Децата од Меѓаши се сретнаа и со претседателот Бранко Црвенковски, кој потпиша гаранција со која се обврза дека ќе се залага за вклучување на сите деца во образовниот систем, без оглед на видот на причините поради кои тие не се дел од наставно-образовниот процес. “Ова е светска кампања во која се вклучуваме и ние бидејќи во нашата земја има бројка од над 15. 000 деца од 7 до 18 години кои не се вклучени во образовниот процес. Засега н$ поддржаа многу градоначалници, познати личности и се надеваме дека по завршувањето на акцијата ќе се подигне јавната свест за постоењето на овој проблем. Од наесен со почнувањето на новата учебна година ги очекуваме и првите резултати, ќе бидеме среќни доколку се преполови оваа бројка, барем за оние деца кои треба да го добијат основното образование”, истакна Драги Змијанац, извршен директор на Меѓаши. С.Н.
|