Прва Балканска конференција за машинските кругови
НОВ ПОЧЕТОК ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД БАЛКАНОТ
На Првата Балканска конференција за машински кругови што се одржа на 19 и 20 октомври 2006 година во Пробиштип се собраа експерти од земјите на Западен Балкан и ги поделија своите искуства. На конференцијата присуствуваа претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на Проектот за поддршка на фармерските асоцијации на Република Македонија (СФАРМ), на ИФАД 2, на ГТЗ-МАФП, како и претставници на машинските кругови од Словенија, од Хрватска, од Босна и Херцеговина, од Србија и од Унгарија.
Конференцијата ги опфати најважните теми што се однесуваат на организирање на употребата на приватната механизација: важноста на намалувањето на трошоците на земјоделската механизација со помош на кооперативност во земјоделството; функционирање и калкулација на цените на услуги во машинскиот прстен; воведување напредна земјоделска обработка на ниво на здруженија. Беше презентирана и новата земјоделска механизација од програмата на „Симпекс” Битола.
Проектот за поддршка на фармерските асоцијации на Република Македонија и неговиот начин на изнаоѓање структури за организирање на употребата на приватни машини беше вистинскиот начин на организирање на машинските кругови.
Соработката на машинскиот круг од Словенија со националната влада во делот на законодавството беше презентирана од Марјан Доленшек, директор на здружението Машински круг на Словенија.
„Законот за земјоделство (Службен весник на Р.С. бр. 54/00) ја нагласува важноста од меѓусоседска помош, а членот 78 ја поставува целта (поефикасна употреба на земјоделската и шумарската механизација, работна сила и други капацитети за производство) за основање машински круг и нуди законска основа за кофинансирање на работата на Машинскиот круг од јавни фондови. Законот не го опфаќа прашањето за оданочување на меѓусоседската помош” - рече Доленшек.
Словенија (покрај Унгарија, која делумно успеала да го стори тоа) е единствената посткомунистичка земја која ја сфатила важноста од меѓусоседска помош којашто го следи моделот на Западна Европа што функционира веќе над 40 години.
Федерацијата на фармери достави предлог-закон до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за машинските кругови кој е ист како и словенечкиот закон за земјоделство и рурален развој којшто е во процедура на изработка.
На крајот на Конференцијата беше потпишан Меморандум за регионална соработка помеѓу машинските кругови од Македонија, од Словенија, од Унгарија и од Босна и Херцеговина. „Реакциите од учесниците беа повеќе од позитивни”, ни рече г. Николчо Колев, претседател на Машинскиот круг од Пробиштип. „Тоа е нов почеток за земјоделците од Балканот, нов почеток на нашата соработка”, додава тој.
Учесниците на конференцијата се договорија следната средба да ја имаат во Босна и Херцеговина. Првата Балканска конференција на машинските кругови е мал чекор кон изградбата на доверба меѓу луѓето, а особено меѓу земјоделците.
Г.Ј.
|
|