Дамјанчо Стојановски, генерален секретар на Детската амбасада за сите деца во светот

Децата застапуваа државен интерес

„Меѓаши” обвинува за злоупотреба на децата - кој е вашиот став?

Прво, не може да обвинува некој кој не беше на настанот и не знае што се случи во суштина. Детската амбасада за сите деца во светот, како сериозна организација со над 18.500 деца членови, која ги штити правата на децата согласно Конвенцијата и Декларацијата за правата на детето на ОН, не може да си дозволи да импровизира настан, кој го посветивме на децата на загинатите бранители, како наша целна група со која работиме, а по повод Денот на АРМ, ден кој кај овие деца побудува посебни чувства на осаменост. Токму во нивна чест, децата едуцирани во сесијата за евроатлантски интегративни процеси при нашиот Детски едукативен центар „4 Јули” во Прилеп, каде ги едуцираме зошто Македонија се стреми во тие интеграции, со свое лого за своите другарчиња одлучија и настапија на овој ден да ја поддржат својата татковина за интеграција во НАТО.

Децата имаа прекрасен настан кој ги возбуди и кој го поздравија домашните и дипломатските присутни гости. Со организацијата децата само промовираа родољубивост, презентирајќи се како демократски подготвена младина што може да се носи со предизвиците на интеграцијата за подобра Македонија. Децата имаа 45-минутен настап на кој се движеа на топлото сонце и не беа изложени на енормно високи температури. По однос на собирањето потписи за поддршка на Република Македонија, од граѓаните минувачи во Скопје, децата наизменично беа ангажирани по 15 минути, нормално, на нивно особено задоволство. Во 10-те волонтери кои се грижеа за 150-те деца, имаше и родители на децата и медицинско лице. Сепак, ние повеќе ги сакаме децата од „душегрижинците” кои ги доведоа во ситуација да се прашуват како може толкава нивна добронамерност, изворна од нив, а за децата, толку многу погрешно да биде презентирана, посебно од „некој” кој се декларира дека ги штити нивните права. Нормално е тие мали детски, а искрени срца денес на „таквите” организации и недолични медиуми да гледаат со презир.

Ако сметате дека нема злоупотреба, кои се вашите аргументи за тоа?

Најпрво треба да се знае дека децата не застапуваа ни партиски ни политички интерес на една влада, децата застапуваа државен интерес за кој ги едуцираме во споменатата сесија во Детскиот едукативен центар.

Самиот факт што децата стекнатите знаења од сесијата за евроатлантска интеграција на ДЕЦ „4 Јули” можеа да ги презентират токму за денот на АРМ пред министерот, пред генералот и пред компетентните дипломати во државава, им претставуваше особено задоволство. Самите родители коментираа дека децата од Прилеп пред да појдеме за Скопје не спиеле од преголема возбуда, а камоли да чувствуват вина или незадоволство. Самите среќни и весели лица на децата кога се враќавме од Скопје за Прилеп покажаа колку на децата им значеше тој ден, кои со песна се вратија во својот град. И на крајот, „некој” ги обвини дека „згрешиле”.

Детската амбасада за сите деца во светот продолжува со текот на реализација на своите активности по повод љубилејот, 10 години Детска амбасада. Нашата работа со децата е уште поинтензивна, бидејќи во пресрет ни се многу големи и значајни проекти за државата, а токму во нивни интерес – на децата.

Кој ги злоупотреби децата за да лечи ниски комплекси на „ривалство”?!