Извештај
МАССО бара почитување на популацијата ЛГБТ
Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација МАССО побара донесување на законот за недискриминација, кој се подготвува подолго време и со кој ќе треба да се обезбеди спречување, намалување или заштита од кршењето на човековите права на популацијата ЛГБТ. Законот веќе подолго време е во агендата на македонската влада, но не влегува во процедурата за донесување, информираат од МАССО во годишниот извештај за состојбата со човековите права на луѓето ЛГБТ во Македонија. За овој закон на крајот на минатата година се изјаснила и Европската комисија, која ја нагласила нужноста од негово донесување во текот на 2008 година. На почетокот на 2007 година е формирана и коалиција за недискриминација, предводена од невладината организација Полио плус, која активно работи на донесувањето на законот.
Во Македонија има повеќе случаи на сексуална дискриминација, се вели во извештајот. Според претседателот на МАССО, Кочо Андоновски, и во повеќето медиуми во Македонија има отворена хомофобија, а дел од нив совесно и навреме ја третираат оваа тема. Дискриминација манифестирала и општината Центар со недозволување без образложение за одржување на фестивалот „Квер сквер Скопје” (Љуерр Сљуаре Скопје) минатата година, на платото пред Домот на АРМ.
Поддршка за активностите на МАССО дадоа и амбасадорите на Словенија и на Холандија, Ален Бергант и Симона Филипини. Амбасадорот Бергант ја охрабри популацијата ЛГБТ во Македонија да се бори за реализација на своите проекти, истакнувајќи дека промените во менталитетот и во социјалните услови предизвикуваат позитивни движења во состојбата со човековите права на оваа популација. Холандската амбасадорка Филипини истакна дека Холандија веќе подолго време го поддржува МАССО во неговите активности, со оглед на тоа дека во оваа држава толеранцијата и почитувањето на индивидуалните права се на високо ниво. „Почитувањето на човековите права е круцијално за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ”, истакна Филипини.
С.Н.
|
|