Декада на Ромите – 2005-2015 година

Интеграција во сите сфери на општеството

Самиот процес на интеграција и изготвување на страгија за Ромите треба да остави простор за активно слушање на оние кои имаат искуство”, истакна Славица Инџовска. „Проблемот на Ромите не е ексклузивен проблем на македонските Роми туку ексклузивен проблем на Македонија”

Како да се интегрира ромското малцинство во општеството? Ова е основно прашање за најсиромашната  етничка група во нашата земја. Иако  декадата од  2005 до 2015 година  е прогласена за Декада на Ромите, јасно е дека пред Ромите стојат сериозни задачи и напори за интеграција, а Владата мора да изготви стратегија за помош на ромското малцинство.  

На тема “Декада на Ромите” се дискутираше на панелот во организација на Центарот за ромската заедница “Дром” на која учесници беа Жаклина Дурмиш, Славица Инџовска од Институтот отворено општество Македонија и Ибраим Ибраими.

Дали во изготвувањето на стратегијата за Ромите треба да учествуваат и оние кои не се Роми или не, беше едно од прашањата на кои жестоко се дискутираше.

“Самиот процес на интеграција и изготвување на страгија за Ромите   треба да остави простор за активно слушање на оние кои имаат искуство”, истакна Славица Инџовска. “Проблемот на Ромите не е ексклузивен проблем на македонските  Роми туку ексклузивен проблем на Македонија”, додаде таа.

Со оглед на тоа што ромските невладини организации беа исклучително активни во последните десет години општиот заклучок беше дека тие активно треба да учествуваат во сето она што значи ромска декада, иако кај некои од претставниците на ромските невладини организации можеше да се забележи сомнеж во однос на вклучувањето на не-Ромите во ромската интеграција во општеството. “Не-Ромите  воопшто не знаат каде и како ние живееме. Не не познаваат доволно”, беше заклучокот на некои од присутните Роми.

Жаклина Дурмиш, пак, се осврна на Образовниот фонд за Ромите кој ќе го финансира Светската Банка и Сорос фондацијата.

“Образованието се посочува како добра почетна точка за кршење на сиромаштијата”, истакна Дурмиш додавајќи дека јазот помеѓу степенот на образованието помеѓу ромските и не-ромските деца е преголем, така што ромските деца практично немаат никаква здрава стартна позиција.     

На панелот уште еднаш се предупреди дека странските донации кои доаѓаат како помош за Ромите мора да се даваат таму каде што е потребно, а оние кои работат со странските донации мора на своите сонародници да им даваат отчет за потрошените средства.

“ Во некои земји на ЕУ се слеваат големи пари како помош за ромското малцинство, но најмалку од тоа имаат корист самите Роми. Тоа не смее да се случи и кај нас”, заклучија учесниците на панелот.