ЕВРОПСКА УНИЈА
Усвоен историскиот буџет на ЕУ за 2004 година
Европскиот парламент конечно го усвои буџетот за 2004 година доцна во декември - со цифра од 99.724 милијарди евра, што е само за 2,3% повеќе од буџетот за 2003 година.
“Буџетот за 2004 година е историски, тој е првиот за проширената Унија”, рече комесарот за европски буџет, Мишел Шрејер. “И тој е на историско ниско ниво, што докажува дека не треба да постои загриженост дека со проширувањето енормно би се зголемил буџетот”, додаде таа. Буџетот ги покрива трошоците за дополнителните работни места на персоналот на новите земји-членки во институциите на ЕУ. За повеќето од надворешните акции, човековите права и заедничката надворешна и безбедносна политика, како и односите со буџетските линии на трети земји, има пораст во буџетот, вклучувајќи го тука и Балканот (579,5 милиони плус 13 милиони резерва, односно пораст од 0,85 проценти). Намалување се забележува во соработката со Африка, со Карибите и со земјите од Пацификот. Конечните бројки за буџетот за 2004 година се објавени на веб-страницата на Комитетот за буџет на Европскиот парламент.
Т.Х.
|