Граѓанска платформа на Македонија

Регионални НВО саеми во Струмица и Гостивар

Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ) организира два регионални НВО-саеми. Првиот се одржа во Струмица од 24 до 25 ноември, а вториот во Гостивар од 15 до 16 декември. Нивната цел беше запознавање на јавноста со активностите на граѓанските организации, создавање простор за размена на искуства, како и зголемување на регионалната соработка преку координација и вмрежување меѓу организациите. Регионалниот НВО-саем во Струмица го отвори Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во Македонија.

На двата саема, освен изложбениот дел, се одр­жаа форумски
активности и социо-културни настани и беше презентирана програмата на Граѓанската платформа на Македонија. На форумите се дискутираше за повеќе прашања клучни за граѓанското општество. Меѓу темите беа и: Спроведување на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер; Третирање на семејното насилство и постоење законска регулатива; Бадинтеровото мнозинство - добар механизам за заштита на правата на немнозинските етнички заедници на локално ниво; Декада за вклучување на Ромите и предизвиците за имплементација на локално ниво и др.

„Значењето на првиот регионален НВО-саем во Гостивар е дека им се нуди можност на организациите да ја презентираат нивната работа, да воспостават контакти и да споделат искуства со другите организации, значи да создадат партнерства. Второто негово значење е одржувањето на форумите кои се конципирани како еден медиум, каде се изразуваат сите ставови околу разни прашања, се презентираат пред јавноста и другите организации. Значајна е  и спремноста на локалната власт за понатамошна соработка со граѓанскиот сектор и добиеното  ветување овој саем да стане традиционален во Гостивар”, изјави Лулзим Хазири, програмски директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи од Гостивар. Саемите ги посетија околу три илјади граѓани.

Г. Ш.