Форум во организација на „ДОСТА Е“

„Може ли Македонија без оружје?“
 

Во организација на граѓанската платформа „ДОСТА Е“, во х. Панорама во Скопје, на 9 октомври се одржа Форум со наслов „Може ли Македонија без оружје?“. На средбата учествуваа претставници на граѓански организации, на владини институции и заинтересирани граѓани. Модератори беа повеќе истакнати личности и лидери на граѓански организации и на мрежи на граѓански организации, како и владини претставници.

„Перспективите на демократијата лежат во граѓанските организации. Нивните активности треба да се почитуваат зашто тие се аполитични, односно нивните активности не се условени од борбата за власт.

Граѓанските организации треба активно да се вклучат во кампањата за разоружување, преку нивните членови, преку нивниот збор, со цел објаснување на тешките последици кои ги носат оружјето, муницијата и експлозивните материјали. Значи, граѓанските организации можат многу да помогнат во ’разоружувањето‘ на свеста на граѓаните“, изјави Гзим Острени, претседател на Координативното тело за спроведување на Законот за доброволно предавање и собирање огнено оружје, муниција и експлозивни материјали и за легализација на оружјето, воведничар на една од темите на средбата.

На друга тема воведничар беше Савка Тодоровска од Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ), која рече: „Без сомнение, граѓанските организации имаат важна улога во деконтаминацијата на населението од нелегално оружје, иако во овој момент тоа е само симболично. Симболично е од неколку причини – малиот број граѓански организации кои работат на процесот на разоружување, традиционалното верување на граѓаните дека со ова треба да се занимаваат владините институции, невклученоста на донаторите за поддржување проекти за вакви акции и сл. Тоа треба да се промени“.

Претседателката на СОЖМ додаде: „Ако не се вклучат граѓанските организации во процесот на разоружување, тогаш тие не можат да ја преземат одговорноста за евентуалниот неуспех на акцијата“.

На Форумот се работеше на повеќе теми: Може ли Македонија без оружје; Улогата на граѓанските организации во имплементацијата на Законот за доброволно предавање и собирање на огненото оружје и за легализација на оружјето; Претставување на активните мрежи и коалиции на граѓански организации; Соработка меѓу Владата и секторот на граѓанските организации; и, Утврдување на идните приоритети на „ДОСТА Е“ и заклучоци.

Д.М.