Кампања за донесување закон за спречување судир на интереси
Мислете на сите, не само на своите
На 13 декември 2005 година Транспарентност Македонија, во рамките на започнатата кампања за донесување закон за спречување судир на интереси, ги отпечати картичките на коишто испиша “Мислете на сите, не само на своите”, односно мислете првенствено на јавниот интерес, а не само на сопствениот, апел до функционерите, односно до сите кои имаат одредени службени овластувања.
Во текот на кампањата граѓаните се потпишуваа своерачно на картичките коишто потоа беа испратени до Владата и до Собранието на РМ, а беа организирани трибини, работилници, јавни дебати, со цел да се запознае јавноста што всушност претставува судирот на интерес. Оливера Китанова, претставничка на Транспарентност Македонија, ни појасни дека судир на интерес претставува конфликт помеѓу јавниот и приватниот интерес. “На секој државен функционер треба на прв план да му биде јавниот интерес, интересот на државата, на граѓаните, а потоа сопствениот, личниот или семејниот интерес” - вели таа.
Покрај рекламните картички и маички коишто им беа делени на граѓаните, беа поставени и 10-тина билборди низ градот Скопје, со истиот текст од картичките, како апел до власта законот да се донесе што поскоро. Веќе е подготвена работна верзија на Законот за спречување судир на интереси во соработка со Министерството за правда. Формирана е и работна група од експерти во којашто има претставници од Секторот за евроинтеграции при Владата на РМ, претставници од Секретаријатот за законодавство, од МВР, од Царинската управа, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, претставник од Транспарентност и од Министерството за правда. Постапката по овој закон с$ уште не е влезена во легална собраниска процедура.
|
|