Интервју: Проф др. Софијанка ГламоЧанин, претседател на организацискиот одбор на Кампањата “Пријатели на Клиниката за детски болести”

Граѓаните сакаат да донираат, но треба да ги потсетиме
 

Катерина Богоева

Македонската јавност од ноември, минатата година, има отворена можност да се вклучи во исклучително значајната акција посве­тена на децата, нивното здравје и иднина. Кампањата “Пријатели на Клиниката за детски болести” успеа да го привлече вниманието на граѓаните од земјава, но и на престав­ниците на странските држави, на гра­ѓанските здруженија, на бизнис-сек­торот, уметниците, естрадните ѕвезди, медиу­мите... Потреб­ните финан­сиски средства и донации за обнова на објектот на Кли­никата, но и за купување на исклу­чително скапите инструменти, за потребните лекови за дет­ското здравје, со задовол­ително темпо пристигнуваат на отворената жиро-сметка, иако како што вели проф. д-р Софијанка Гламочанин, голем дел од вете­ното треба да се  реализира во месеците што следуваат.

Проф. д-р Софијанка Гламочанин, освен редовните професионални обврски на Одделот за хематоонкологија при Клиниката за детски болести, заедно со своите колеги од Организацискиот одбор за кампањата, но и со заинтересираните граѓани за помош, веќе пет месеци се обидува Клиниката да го добие местото што го заслужува во општеството, но и во очите на децата- пациенти.

Г.С. За успешно координирање на актив­ностите на Кампањата “Пријатели  на Детската клиника” потребно е да ги усогласите професионалните и волон­терските об­врски. Колку волонтеризмот е присутен на Кли­ни­ката?
С.Г.
Од 1993 година кога ја реализиравме првата продажна из­лож­ба на детски цр­тежи од деца-па­циен­ти на Одделот за онко­логија, во Клубот на пратениците во Скоп­је, волонтеризмот кон­­­­­­­ти­­­нуирано е при­сутен. Пред десет го­дини волон­тери­змот  во болнички ус­лови во земјава не постоеше, иако во за­пад­ните зем­­ји тој прет­­­с­­таву­ваше нор­мал­­­на по­јава. Нормално  е гра­ѓаните, доколку сакаат, се раз­­бира со дозвола од надлежна инсти­ту­ција, волон­терски да учествуваат во од­делни сегменти од функционирањето на болницата. Се обидовме тогаш за првпат на Клиниката за детски болести, да вове­деме волонтерски активности, а спомената изложба ја орга­низиравме со Здружението на жените за борба против малигни забо­лувања “Живот­на искра”. Тие, од тој период, со своите активности се трудат да им помагаат на различен начин, на жените со таков вид заболувања. По изложбата следуваа при­ред­би за децата, волонтерите доаѓаа и ги занимаваа децата во Клиниката со раз­лични активности. Меѓу нив беа и жени волонтерки од Јапонија кои им правеа оригами, играчки, но и волонтери од средните училишта и студенти кои им раскажуваа приказни, им читаа книги, учеа со нив. Дел од волонтерите стекнатите искуства ги вградуваа и во своето стручно знаење. Една од членките на “Животна искра” наслика мурали со претстави од детски приказни кои го разубавуваат просторот. Морам да истакнам дека пејач­ката Виолета Томовска, оттогаш до денес, континуирано, на разчлични начини волон­трески помага, а тука се и  музичарот Тони Китановски, кој држи концерти, а со себе носи и гости од различни земји, но и Верица Ристевска, Угро и други. Бројот на волон­тери, на луѓе што сакаат да помагаат до денес е зголемен. Како пример може да го наведам неодамна формираното Здру­жение на родителите на децата со малигни  болести “Пеперутка”, чии членови помагаат и учествуваат во Кам­пањата. Фондот на средства кои тие го собираат ќе се иско­ристи за купување на потребните лекови за децата. Покровител на кампањата е пот­претседателката на Репуб­личкото собрание Лилјана Поповска.


Г.С. Го ветуваше ли стартот на Кампањата потребниот оптимизам?
С.Г.
Многумина ни велеа дека нема да ни успее со кампања да ги собираме потреб­ните средства. Јас сум задоволна од досегашниот тек, со оглед на познатите услови во стопанството, но реализацијата бара голема упорност и организираност. Во Кампањата досега се вклучија сите оддели каде има хронични болни. На Клиничкиот центар отсекогаш му недостасувале пот­ребните средства за постигнување на неопходниот стандард за пациентите и персоналот. Државата помага, но тоа не е доволно. Пред неколку години беше напра­вена реконструкцијата само на едната страна од Клиниката, недостасуваа средства за другата, самиот објект има големи проблеми со фасадата, со нагризување на темелите, со водоводната и кана­ли­зациската мрежа, парното не функционира како што треба. Амортизирани се дел од маши­ните кои се неопходни за непречена работа:  машините за перење, апаратот  за стери­лизација на шишињата. Болничката апа­ратура делумно е застарена и потребно е да се обнови ако сакаме да го задржиме нивото кое го имавме во минатото. Кризата на бегалците од Косово ги исцрпи залихите што ги поседувавме, а истите не беа обновени, со исклучок наедна сосема мала донација. Имаме проблеми и со набавка на потребните лекови, од кои еден дел се добива со задоцнување, но сепак се снаоѓаме и се обидуваме да го држиме чекорот. Ова беше причина Стручниот колегиум да ја орга­низира кампањата “Пријатели на Детската клиника”, класифицирајќи ги проблемите во три групи на приоритети. Уште на стартот н$ поддржа Клиничкиот  центар кој е и еден организаторите, имаме поддршка од Минис­терството за здравство, а на поче­токот ни се приклучија и УНИ­ЦЕФ. МРТВ помогна во изработка на доку­мен­тарниот фил­мски мате­ри­јал за состојбата со Клиниката. 


Г.С. Кој се се јавува, донира, дава финан­сиски средства или пак работи на нивно обез­бедување? Кои се фор­мите познати и непоз­нати досега кај нас во обезбедување на  по­треб­­ната помош?
С.Г.
Последната актив­ност беше на 8 март, организирана од здру­женијата “Животна ис­кра”, Здружението на самохраните мајки, Цр­­ве­­ниот крст, Оп­шти­ната Центар, кога на децата им беа обез­бедени подароци во вредност од 10 илјади денари. Во текот на февруари студиото “Чарли фешн”, орга­низира  модна ревија со непро­фесио­нални манекенки, жени од јавниот живот, интелектуалки, членки на здруженија на граѓани, а со собраните средства од ревијата и од изработените модели, плани­раме да купиме дигитален фотоапарат со софтвер, за изработка на потребната фотодокументација. Во текот на април, плани­раме да ги презентираме досегашните резултати, но Кампањата ќе продолжи да трае. Се респектираат сите донации, како што се цртежите од детските ликовни студија од Битола и од Скопје со кои е испол­нета дел од внатрешноста на бол­ницата, и зафатот на фирмата Макмонт која направи две купатила. Наскоро оче­куваме  да се постави најавената опрема на Кабинетот за нутриција со директна дона­ција од “Тех­ногас”, а и да биде опре­мена и соба за физикална терапија од страна на “Гланс Смит Клајн”. Донации најавија и фирмите Зегин, Алкалоид и други. Дона­циите можат да бидат и се во апаратура, опрема на простор, финансиски средства. С$ уште не сме ги добиле најголемите најавени донации кои треба да се реализираат во текот на оваа година. Најголем дел од зафатите за реновирање на Клиниката треба да бидат овозможени со донации од страна на Италијанската и Швајцарската амбасада во Македонија. Тие аплицираат за средства на повисоки инстанци и покажуваат навис­тина добра волја и надеж  за обебзе­дување на  финансиите.  Австриската, Француската и Германската амбасада, исто така најавија обезбедување донација за потребната апаратура, а со средствата од реализираниот концерт на Тоше Проески планираме купу­вање апарат за невролошки мускул­ни болести.


Г.С. Докторите, во случајов, самите секој­дневно учат што значи реализација на кампања. Се обидовте ли можеби да ангажирате стручни лица?  
С.Г.
Се обидовме, но каде и да се обратевме, понудите беа многу високи и се откажавме. Агенциите кои работат на кампањи бараат многу пари и сега работиме сами, се обидуваме да вклучиме што повеќе луѓе, да работиме транспарентно, луѓето да знаат каде се трошат донираните средства. Реализацијата на Кампањата оди побавно, бидејќи ја води Организацискиот одбор и Стручниот колегиум, многу доктори се вклучени во најразлични активности, од пишувања писма, покани, проекти, контакт со бизнис-секторот. Членови на  Орга­низацискиот одбор се докторите В. Милев, С. Пеова, А. Костовски, Н. Поп-Јорданова, А. Софјанова, К. Ставриќ, Зоран Гучев, како и потпаролката,  новинарката Теута Крашница-Чучкова. Кога би имале менаџерски тим, обезбедувањето на потребните средства и лекови за децата би одело многу полесно. Но, сепак, ние сме упорни и стекнуваме нови искуства.

На пример, со помош на отворена те­ле­фон­­ска линија успе­авме да ја добиеме потребната донација за трансплантација на коскена срцевина  на едно болно дете. Сметам дека ѓра­ѓан­ите на Маке­донија сакаат да донираат, да помагаат, но тре­ба да ги потсетиме.