МЕЃУНАРОДНА ТРУДОВА ОРГАНИЗАЦИЈА

Најголема програма за детски труд лансирана во Индија

На 16 февруари Владата на Индија, во соработка со Американскиот оддел за труд и Меѓународната трудова организација, лансира програма од 40 милиони амери­кански долари насочена кон елиминирање на детскиот труд. Директна цел на про­грамата се околу 80.000 деца од десет ризични индустрии. Ова е најголемата програма против злоупотреба на детскиот труд којашто е кога било водена од страна на ИЛО на ниво на една земја и е можеби најголема иницијатива од тој вид преземена во Индија, земја со една од највисоките стапки на злоупотреба на детскиот труд во светот. Според официјалните проценки, во Индија работат околу 11,2 милиони деца.

Во обидот да се преземе нешто во врска со оваа вчудоневидувачка ситуација во земјата, иницијативата бара: да се идентификуваат децата кои работат, да се повлечат од ризичната работа и да им се даде преодно и преквалификациско образование и оп­штествена поддршка за да се спречи повторно да почнат да работат. Покрај тоа, проектот ќе се фокусира на обезбедување економска безбедност за семејствата кои ќе ги повлечат своите деца од ризичните работни места; надгледување и пронаоѓање на децата кои се ослободени од ризичната работа и заси­лување на институционалниот капацитет на национално, државно и локално ниво со цел да се победи злоупотребата на детскиот труд. Директна цел на проектот се околу 80.000 деца на возраст под 18 години кои работат во ризични индустрии, како на пример производство на ракети за огномет, цигари, обувки, брави, ќибрити, свила, стакларија и слично. Активности ќе се изведуваат во текот на следните три години во државите (покра­ините) Мадуа Прадеш, Махараштра, Утар Прадеш и Тамил Наду.

                                                            
Т.Х