Хуманитарен концерт на Тоше и пријателите
Собрани 28.000 евра за Клиниката за детски болести
Со химната на УНИЦЕФ “За овој свет”, испеана од учениците од училиштето за деца со оштетен вид “Димитар Влахов” и македонската поп-ѕвезда Тоше Проески започна хуманитарниот концерт кој се одржа на почетокот на декември на скопското Сајмиште. На македонските ѕвезди им се придружија и нивните колеги и пријатели од просторите на бивша Југославија - Ања Рупел, Тони Цетински и Леонтина кои заедно со Есма Реџепова, групата “Синтезис” и гудачкиот оркестар “Џорлеви” пееја и собраа 28.000 евра за Клиниката за детски болести, поточно за Одделот за хематологија, којшто со донираните средства треба да се реновира, а предвидено е и купување дополнителна опрема. Пред самиот почеток на концертот Одделот за хематологија го посетија Тоше Проески заедно со Есма Реџепова и гостинот од Хрватска Тони Цетински, а на нивната посета најмногу се израдуваа дечињата-пациенти.
На Одделот за хематологија веќе подолго време му е потребно реновирање и дополнителна опрема, а средства за оваа намена не можат да се добијат од државата. Инаку, државата кога е во прашање и хуманитарен концерт не отстапува од должноста наречена плаќање данок, па така од собраните 28.000 евра, пет илјади евра ќе мора да бидат ставени во државната каса.
М.К.
|
|