коментар

 

Граѓанскиот сектор во визијата на премиерот
 

Во времето на предизборната кампања па уште и пред официјално да започне, дел од граѓанските организации се прашуваа каде, во помпезно најавуваните и промовирани програми на политичките партии, се наоѓа граѓанскиот сектор? Третиот столб, како што некои политичари порано го нарекуваа, исчезна.
Пардон, премиерот го спомна еднаш во своето експозе, во делот што се однесува на борбата против корупцијата во која ќе бидат “ангажирани сите расположливи потенцијали, вклучувајќи ги Владата, државните институции за борба против корупцијата, граѓанскиот сектор, медиумите итн.”. Новата влада не ги препознава граѓанските организации како потенцијален партнер, според премиерот тоа ќе бидат “приватниот сектор, малиот и среден бизнис, коморите и синдикатите”.

Но зошто? Зарем повторно ќе се соочуваме со истрошените квалификации на граѓанскиот сектор (перачи на пари, петтоколонаши, учесници во меѓународен заговор…)? Или можеби поедноставно е да се прифати ставот дека  граѓанските организации треба да имаат само хуманитарни прашања на своите агенди?

За среќа, граѓанските организации во оваа земја застапуваат ставови и интереси. Тоа се ставовите и интересите на нивните целни групи, истите оние од крајот на експозето на премиерот “раселените лица, лицата со посебни потреби, бранителите и нивните семејства … земјоделците, пензионерите, децата без родители…”. Застапувањето на ставовите и интересите е политика и граѓанските организации имаат право на тоа. Имаат право да критикуваат, да лобираат, да дебатираат за прашања од јавната политика. Ова не е само партиска работа и не треба да им биде препуштено само на политичките партии. Тие и премногу долго го имаа ексклузивитетот.

Граѓанските организации знаат што носат идните процеси во Македонија. Процесот на евроинтеграција бара и поголемо учество на граѓаните во креирањето на политиките и одлучувањето. Граѓанските организации немаат намера да им го остават тој простор само на политичките партии и на нивните тесни интереси.

И на крајот, што е едно неспомнување во политичките програми или обраќања на политичарите, многу позначајна е суштинската соработка во идните месеци и години. А таа, заради сето погоре, се надеваме дека ќе ја има.

 

Гонце Јаковлеска