Одбележан 5 Јуни, светскиот Ден на животната средина
Ден кога автомобилите се заменуваат со велосипеди
Светскиот Ден на животната средина 5 јуни, традиционално беше одбележан со манифестацијата “Да бидеме Европејци, да возиме велосипед”. Стотици скопјани, млади и стари, пеш и на велосипед, тротинет или ролерки, излегоа да прошетаат и да се забавуваат на Градскиот парк. Министерот за животна средина, Зоран Шапуриќ, возејќи велосипед, ја испрати пораката за поголема грижа за животната средина, природата, природните богатства и живиот свет, нагласувајќи дека овој ден го одбележуваме како потсетник дека секој човек треба да го даде својот придонес за поздрава човекова околина.
“Денот за заштита и унапредување на природата се слави од 1972 година кога како таков беше одреден во рамките на ООН. И годинава се обидуваме, секој на свој начин, да дадеме свој придонес за зачувување на околината”, истакна Шапуриќ.
Во рамките на одбележувањето на Денот на животната средина граѓанската организација Проактива на сите присутни во Градскиот парк им подели велосипедски мапи на градот, маички и налепници со цел да се популаризира овој алтернативен начин на превоз, кој е многу популарен во европските држави, а наедно и не ја загадува средината.
“Според резултатите од анкетата на Проактива, 78 проценти од граѓаните во Скопје не возат велосипед, што е многу мал процент во однос на некои западноевропски држави како Холандија, Данска или други каде повеќе од 30 проценти возат исклучиво велосипед. Резултатите од анкетата покажуваат дека населението повеќе ќе биде заинтересирано за возење велосипед доколку се означени велосипедските патеки”, вели Методи Панов од Проактива. Компанијата Вучко имаше штанд на кој се одржуваше отворена работилница за најлесно одржување и отстранување на дефектите на велосипедите, каде голем број граѓани си ги поправија превозните средства со помош на стручните совети. Во манифестацијата учествуваше и велосипедската единица на полицијата која на граѓаните им подели совети за безбедно возење.
На бината во паркот се одржа и Еколошкиот фестивал организиран од Младинскиот форум за соработка. Децата беа облечени како цвеќиња, сонца, облачиња, море, пеперутки и зајчиња и носеа транспаренти со еколошки пораки. На екофестивалчето беше прочитан и говорот на генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, посветен на светскиот Ден на еживотната средина. С.Н.
|
|