Нов бесплатен СОС-телефон за деца и млади на Меѓаши

Свртете на 0800 1 2222 за совети против насилството врз децата

Најчесто повиците на СОС-телефонот се однесуваат на насилството врз децата, но често се пријавуваат и љубовни проблеми, проблеми во училиштето и во семејството итн.

Од 2 јуни па до крајот на годинава, секој работен ден од 8:30 до 20:30 часот, за секаков вид насилство врз децата и младите, можете да свртите на новиот бесплатен СОС-телефонски број на Првата детска амбасада во светот  (ПДАС) “Меѓаши” – 0800 1 2222, што го овозможи А.Д. – Македонски телекомуникации. Тоа што е различно од досегашното 12-годишно постоење на СОС-телефонот, покрај новиот број, е и домашната донација, за разлика од претходно кога линијата беше претежно финансирана од странски донации.

Извршниот директор на ПДАС Меѓаши, Драги Змијанац, по овој повод изјави: “Денеска, на 12-годишнината од отворањето на првиот СОС-телефон за деца и млади, чест ни е да го презентираме и новиот бесплатен број на СОС-телефонот 0800 1 2222, но и отворањето психолошко советувалиште за деца и млади, промоција на брошура по повод 12-годишнината на СОС-телефонот, како и на 12-минутен спот за промоција на новата СОС- телефонска линија”.

“Македонски телекомуникации, како општествено одговорна компанија, ја презеде одговорноста до крајот на годината да обезбеди бесплатно функционирање на СОС-телефонскта линија за деца и млади. Со тоа, таа дава скромен придонес кон заштитата на децата во Македонија”, потенцира Славе Младеновски, менаџер за односи со јавноста на А.Д. – Македонски телекомуникации.

Кристина Дикенсон, долгогодишен активист во граѓанскиот сектор, на свеченоста подвлече: “Помошта од Македонски телекомуникации не е мала. Од мали нешта се прават големи работи. И, понатаму, многу е лесно да се работи со луѓе посветени на заштитата на децата и полни со љубов кон нив, како што се луѓето од Меѓаши”.

За 12-годишната работа на СОС-телефонот за деца и млади кратко се осврна координаторката Маја Корубин: “Од повеќегодишното искуство, можам да кажам дека најголем дел од јавувањата на СОС-телефонот, околу 20%, се однесуваат на насилството врз децата, но често се пријавуваат и љубовни проблеми, проблеми во училиштето и во семејството итн. А, иницијативата за отворање психолошко советувалиште за деца и млади е токму од самите деца, кои се изјаснија за тоа на анкетитите на оваа тема што ги спроведе Меѓаши во неколку училишта во Македонија”.

 

Д.М.