репортажа: ПОД ПАДИНИТЕ НА БЕЛАСИЦА

Наследството живее

Потпрашајте, и локалните жители со задоволство ќе ви раскажат како на раце и со коњи носеле камен и дрво за изградба на патеката до водопадот, како работата ги поврзала и ги надминала поситните и покрупните несогласувања меѓу луѓето, како заедно правеле скара на паузите од тешката работа, дискутирале и мечтаеле “што ќе биде кога ќе биде”. А “бидна” она на што се надеваа – селото стана познато и посетено, се отворија нови перспективи за негов развој…

Сега, до Смоларскиот водопад може да се дој­де и со дамски чевли. Паметам, кога прв­пат го видов, не беше така. Ни требаа до­­бри, здрави планинарски чевли, зошто се спуштавме по стрмни патеки и по каме­ња кои беа прекриени со мов и лизгави од неодамнешниот дожд. Мојата втора средба со овој чудесен водопад на планината Бе­ласица водеше преку камени скали, па­те­ка и дрвено мовче, кои со сопствените раце ги изградија жителите на селото Смо­ла­ре, со цел да го направат достапен за што поголем број луѓе.

Оттогаш, повеќе пати го посетив Смола­р­скиот водопад. Откако заврши проектот со кој се изгради пристапна патека до него, а тој стана позната излетничка и туристичка дестинација, како магнети една по друга почнаа да се јавуваат нови иницијативи од падините на планината Беласица. Ини­ци­јтиви за афирмација и заживување но­ви простори кои би имале сличен ефект ка­ко оној од Смоларскиот водопад. И така, ни се случија Колешинскиот водопад, Мо­крин­ските извори, Момин бунар во Стру­ми­ца, се создадоа резбите во Бања Бан­ско…

 

Водопадот ги поврза луѓето

Изградбата на пристапна патека до Смолар­ск­иот водопад беше првиот проект од стру­мич­киот крај поддржан преку програмата “Жи­во наследство” на белгиската Фон­да­ци­ја Крал Бодуен и на Фондацијата Инст­и­тут отворено општество Македонија. Ефек­тот, кој овој проект го предизвика во селото Смоларе и општината Ново Село, беше поголем од очекувањата на сите. Водо­па­дот, кој како сноп светлина се спушта од 35 метри, по темната и мазна гранитна кар­па, доаѓаат да го видат деца, млади и ста­ри, домашни и странски посетители. И до илјада посетители на ден – вели Боро Зе­ки­ров, новинар, голем ентузијаст и иницијатор на двете следни иницијативи (за Колешинскиот водопад и Мокринските извори). Локалните жители, вели Зекиров, во почетокот не можеа да се изначудат, а се­га преземаат најразлични иницијативи да ги пречекаат и услужат гостите. Во тоа тие имаат голема поддршка од општината Ново Село. Општината всушност и беше иницијатор и координатор на овој проект, а поранешниот градоначалник Кирил Чав­ков “барабар” со жителите учествуваше во изградбата на патеката. Само пот­пра­шај­те, и локалните жители со задоволство ќе ви раскажат како на раце и со коњи но­се­ле камени плочи и дрво за изградба на патеката, оградата и мовчето, како работа­та на оваа заедничка идеја ги поврзала и ги надминала поситните и покрупните несогласувања меѓу луѓето, како заедно пра­веле скара на паузите од тешката работа, дискутирале и мечтаеле “што ќе биде кога ќе биде”. А “бидна” она на што се надеваа – селото стана познато и посетено, се отворија нови перспективи за негов развој, се воспостави одлично партнерство со локалната самоуправа, бидејќи и новиот гра­доначалник, Никола Андонов, ја про­дол­жи насоката и планира подобрување на инфраструктурата и одржлив развој на се­ла­та и на општината преку културното и при­родното наследство.

 

Нови перспективи

Слична е приказната и за Колешинскиот водопад. До него се ста­сува потешко, бидејќи нема асфалтиран пат, но негова изградба е во план на општината Ново Село. Ние имавме среќа по пат да сретнеме трактор – “стопиравме” и до патеката која води до Колешинскиот водопад стасавме со за нас невообичаен превоз, во весело расположение. Слично како кон Смо­лар­ски­от, и кон Колешинскиот водопад води патека од природен камен, скали и мовче, изградена од локалните жители. На неј­зи­ни­от крај ве пречекува водопадот. Раскошен, понизок, но пораширен од Смоларскиот. И тука, како и кај Смоларскиот, не можевме да одолееме да не се спуштиме од мовчето-”видиковец”, за да ја допреме водата, да загазиме боси во реката, да доз­волиме да не испрскаат млазовите кои се спуштаат разиграно, како чудесна музика, од карпите. Локалните луѓе се гор­ди и задоволни – планираат за иднината, размислуваат за изградба на ресторани, за оспособување на куќите за пре­но­ќи­ште на гостите. Боро Зекиров и Панчо Стојанов, претставници од општината Ново Село, кој “со сета душа” се дадоа во овие проекти, велат дека помеѓу населението и општинските структури, но и многуте бизнисмени, постои консензус – природно­то и културното наследство се смета за клучен фактор за локалниот развој. Она што охрабрува е дека постои свест за одржливото користење на тие ресурси и голема грижа за заштитата на околината и за одржувањето на еколошкиот баланс.

 

Интегрален развој

Во организација на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, беше одржана обука за локалните луѓе, а една од целите беше да се поттикне свеста за интегралниот развој на овој регион. Односно, смоларчани гостите да ги упатат и кон Колешинскиот водопад, и обратно, да им кажат и за другите локалитети кои можат да ги посетат во околината – манастирите, Моноспитовското блато, археолошките локалитети и посебно, трите други локации каде се одвиваа проектите од мре­жата “Живо наследство”: Мокринските извори, Момин бунар во Струмица и Бања Банско.

Мокринските извори, крај блиското село Мокрино (на половина пат од Колешино до Смоларе)  ќе ве воведат во една ре­чиси самовилска атмосфера. Десетици помали и поголеми извори бликаат од земјата, а некои од нив изврираат од корењата на неколкуте столетни чинари, кои се испреплетуваат на површината. Изворите за локалните жители се свето место. Тие тука доаѓаат традиционално за прослава на локалните праз­ници. Бетонската патека и недовршената натстрешница, кои ја намалуваа убавината на просторот, со проектот на програмата “Живо наследство” се облагородени со природен камен кој се вклопува во околината.

Она што е посебно интересно и поволно е што тука можат за ден-два да се видат неколку навистина необични и прекрасни локалитети. Природната убавина – водопадите и изворите, се дополнети со атракциите кои се дело на човекот. Така, на пат кон Струмица, може да се посети Бања Банско и да се побараат предметите од резба кои ги изработуваат жителите на Заводот за рехабилитација, кои беа обучени да работат во оваа традиционална вештина. Во стариот дел на Струмица, пак, може да се посети Момин бунар, кој го обновија самите жители, да се одмори под сенката на стариот, заштитен чинар, да се помуабети со локалните жители и да се почувствува при­ја­телската, комшиска атмосфера на старите маала кои, за жал, ис­чезнуваат.  

Со активностите во насока на афирмирањето – преку лифлети, веб-страницата на која се претставени сите проекти од програ­ма­та “Живо наследство” (www.zivonasledstvo.org.mk), преку ту­ристичките агенции, и особено преку медиумите – посе­ти­те­ли­те кои бараат непознати природни локации се запознаваат со овие простори. Кон нив се упатуваат с$ повеќе туристички ав­то­буси, некои локалитети се вградени во агендите на уче­ни­ч­ки­те екскурзии, во туристичката понуда на неколку агенции, странските посетители, новинарските екипи и камерите се чести гости. Сето тоа е првичен чекор, помогнат со програмата “Живо наследство”. Перспективата останува да ја “доцртаат” локалните жители…