19 ноември 2008

Светски ден за превенција од злоупотреба на децата и Светски ден на детето

Денес, 19 ноември, се одбележува Светскиот ден за превенција од злоупотреба на децата, додека на 20 ноември, Светскиот ден на детето.

Во прес соопштението на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, потстетува дека „секоја година, над 1 милион деца се вовлечени во трговија со деца, детска проституција. Скоро секој ден слушаме за злоупотреба на деца. Дури и вработени во почитувани меѓународни организации се најдени виновни што биле инволвирани во сексуална злоупотреба. Очигледно е дека е потребно да се изгради ефикасен и ефективен систем што содржи зголемени културолошки мерки и зголемување на јавната свест, како  и поттик за помасовна акција за спречување на злоупотребата.“ 

Во Македонија секоја година над 1.000 деца стануваат жртви на полови напади. Жртвите најчесто се на возраст меѓу 11 и 18 години. Извршители на овие кривични дела најчесто се родители, пријатели или соседи. 

Понатаму во соопштението се вели дека „во Република Македонија има 18.500 деца на возраст од 7 до 18 години кои не се вклучени во училиштата иако школувањето како задолжително е загаранитирано со Уставот. Околу 2000 деца се на улица. Најчесто овие деца се и жртви на најлошите форми на залоупотреба. Тие се исклучени од воспитно образовниот процес  и се најчести жртви на сексуална злоупотреба, на педофилија, трговија со деца, деца на улица и деца чиј труд се злоупотребува“. 

Република Македонија во 1993 ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето и со тоа се обврза да направи напори за успешно спроведување на обврските од истата. Исто така, Република Македонија во 2002 година стана потписник и на Конвенцијата за забрана и за елиминација на најлошите видови на детски труд донесена од страна на Меѓународната организација на трудот МОТ во која беа потенцирани најлошите видови на детски труд и обврските за државите потписнички што треба да ги преземат за спречување на злоупотреба на детскиот труд. 

Првата детска амбасада во светот - Меѓаши укажува на неопходност од синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите предвидени со Уставот и овие Конвенции.