Одбележан денот за акција против отпадот и инсенерацијата
Нулти-отпадоци, основа за поздрава околина
Граѓаните на повеќе од 45 држави и годинава го одбелжаа 7 септември, глобалниот Ден за акција против отпадот и инсенерацијата. Тие упатија гласно барање за иновативни и еколошки решенија што ќе се однесуваат на растечкиот волумен и токсичност на отпадот.
И македонската граѓанска организација “Еко свест” се вклучи во глобалната кампања преку подигнување на јавната свест на локалното население за проблемите со отпадот во Македонија. Во текот на една седмица од страна на над 200 граѓански коалиции беа организирани активности за информирање на јавноста, дијалози со заедниците, собири и средби со владини претставници. Граѓанските организации покренаа иницијатива за замена на штетните инсенератори и спречување на отпадот на самиот извор на создавање, за намалување и отстранување на токсичните материи, за зголемување на одговорноста на производителите и интензивирање на рециклирањето и компостирањето.
“Одржливото управување со отпадот е еден од приоритетните проблеми што треба да се решат во нашата земја. Граѓаните треба да се информираат за вредноста на отпадот што го фрлаат секојдневно и за принципите редуцирај, реупотреби и рециклирај. И властите би требало да направат повеќе за ова прашање, особено за создавање услови за сепарирано собирање и рециклирање на отпадот”, рече Марија Јанковска од Еко свест.
Кампањата по повод глобалниот Ден за акција против отпадот веќе четири години е координирана од ГАИА, Глобалната алијанса за алтернативи на инсенерацијата, која е непрофоитна мрежа составена од граѓански здруженија и индивидуалци. Алтернативите за нулти-отпадоци ги намалуваат негативните здравствени ефекти, придонесуваат кон одржливо искористување на ресурсите и кон градење на локалната економија.
С.Н.
|