Граѓанскиот сектор во Англија

Вкоренет, поддржан, признаен

За англискиот граѓански сектор

Третиот сектор во Англија е разновиден, активен и полн со ентузијазам. Организациите се водени од вредности. Секторот го сочинуваат асоцијации, волонтерски и организации од заедницата, организации од јавен интерес, организации со заеднички интерес/кооперативи, социјални претпријатија, кооперации и големи и мали заеднички фондови.

Вкупниот број граѓански организации е над 400.000, од кои дури 190.000 (47,5 %) се организации од јавен интерес, а 55.000 се социјални претпријатија. Во Англија, на 1.000 жители има околу 8 граѓански организации, во Македонија, таа бројка е 2,85 на 1.000 жители. Вкупниот годишен приход на граѓанските организации во фискалната  01.04.2006-31.03.2007 година е планирано да изнесува 2,25% од бруто-домашниот производ, односно околу 37 милијарди фунти. Овој буџет го спроведуваат околу 600.000 соработници (2% од работната сила на Обединетото Кралство) и истите се управувани од 1 милион управители кои мораат да се раководат само од интересите на организацијата.

Студиската посета овозможи учесни­ци­те да се запознаат со англискиот систем на владина соработка и финансиската поддршка за граѓанските организации. Научените лекции во споредбеното искуство и најдобрите практики треба да го поддржат процесот на реформи во македонската легислатива.

Соработката меѓу Владата и граѓанскиот сектор во Англија се заснова на договор во кој се дефинирани принципите: зајакнат граѓански сектор; функционално партнерство што може да резултира со подобра политика и услуги и поголема корист за заедницата и интегритет и отвореност.

Канцеларија на третиот сектор

Канцеларијата на третиот сектор била создадена во мај 2006 кога Дирекцијата на активни заедници во Министерството за внатрешни работи и Одделението за социјални претпријатија во Министерството за трговија и индустрија се обединиле. Целта на канцеларијата е развивање околина која ќе обезбеди раст на придонесот на третиот сектор во британското општество, во економијата и во животната средина. Канцеларијата развива партнерство со организациите од третиот сектор преку обезбедување поддршка за нивните активности, особено дејствување и водење кампањи во заедницата, подолгорочно вложување во третиот сектор и подобрување на локалните партнерства.

Активностите на канцеларијата се фокусирани на јакнење на свеста и капацитетот на луѓето, посебно на маргинализираните, на јакнење на заедниците, на трансформирање на јавните услуги, на овозможување и развивање социјални претпријатија, комбинирајќи деловни и социјални цели. Канцеларијата обезбедува подобра соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку промоција на договорот, финансиска поддршка на развој на секторот, преку градење капацитети и градење на иднината, информирање на јавноста за работата на Владата и третиот сектор и обезбедување добра контролна околина за секторот.

Во Македонија Одделението за соработка со граѓанските организации е основано во ноември 2004 година и е во состав на Секторот за анализа на политики и координација во Генералниот секретаријат на Владата. Со основањето се дефинира јасната политика на Владата за континуирана соработка со граѓанскиот сектор и неговиот развој, како и охрабрување активно вклучување на граѓанските организации во процесот на креирање политики. Воспоставувањето партнерски однос помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, како и јакнење на меѓуинституционалната соработка, оспособувајќи ја државната администрација, се конкретните насоки за да се препознае улогата на граѓанскиот сектор и развивање партнерство. Соработката се гради врз основа на принципите на заедничка доверба, партнерство, транспарентност, независност и одговорност.

Трезор

Трезорот, или Министерството за е­ко­­но­мија и финансии во Обединетото кралство директно ги финансира граѓанските организации. На годишно ниво, тоа изнесува 150.000.000 фунти. Финансирањето е во вид на грантови и заеми.

За подобрување на јавните услуги (болниците, образованието итн.), орга­низациите од јавен интерес, кои уживаат поголема доверба кај луѓето, посебно кај сиромашните и кај соци­јално изолираните, добиваат до три­годишна поддршка. Владата ги ослободува граѓанските организации од многу даноци, а ослободени се и донациите за нив. Нема ослободување од ДДВ заради регулативата утврдена во Европската Унија.

Регулаторна комисија за организациите од јавен интерес во Англија и во Велс

Во организации од јавен интерес во Британија спаѓаат малите групи кои ги задоволуваат локалните потреби со малку ресурси, но и добропознатите големи добротворни организации со милионски буџети. Без оглед на големината, суштинска карактеристика на сите организации од јавен интерес е што работат за доброто на јавноста и независно од владините или комерцијалните интереси. Притоа, јавниот интерес се дефинира во областите сиромаштија, образование, религија и други области корисни за општеството. 


Комисијата е регулатор и регистратор на организациите од јавен интерес во Англија и во Велс. Постои повеќе од 150 години. Со актот од 1993 година, има статус на неминистерско владино тело и одговара директно пред Комисијата за отчет при Парламентот. Ефективноста, експертизата, чесноста, иновативноста и одговорноста се вредностите на кои се заснова работењето на комисијата.

Комисијата ги регистрира организациите од јавен интерес, ги поддржува, овозможувајќи максимизирање на нивното влијание во општеството, обезбедува работење во насока на законските обврски и проверка на негативните појави, охрабрувајќи ја иновативноста и ефективноста, го поддржува јавниот интерес во организациите и промовира јавна доверба.

Национална лотарија

Националната лотарија (НЛ) е основана со акт во 1993 година. Со профитот од неа поддржани се уметноста, спортот, културното наследство, добротво­рните и волонтерските организации и проекти кои го прославувале милениумот. Во 1998 година на листата се додадени и здравјето, образованието и животната средина.

Од основањето на Националната лотарија па досега, потрошени се 15 милијарди фунти за добротворни цели. Поддржани се над 150.000 проекти со големо влијание во општеството.

Големиот лотариски фонд (ГЛФ) е одговорен за префрлање на половина од парите (околу 630 милиони фунти годишно) од Националната лотарија, за добротворни цели. ГЛФ се залага за внесување вистински промени во заедниците и во животот на оние кои се најзагрозени, спроведувајќи ги принципите на праведност, еднаквост, стратешки партнерства, вклучувајќи ги луѓето од самиот почеток. Резултати кои се очекува да се остварат се: можности за учење, јакнење на заедниците, животната средината и здравството.  ГЛФ е формиран во 2004 година со спојување на Фондот за нови можности и Фондот на заедницата. Новиот фонд дистрибуира единствено средства за проекти кои го подобруваат здравјето, едукацијата и околината, како и за оние кои даваат поддршка за волонтерските групи кои им помагаат на лицата кои имаат потреба од тоа.

ГЛФ дистрибуира 50 % од национална­та лотарија. Во периодот 2006/07, дис­трибуирани се 429 милиони фунти во форма на грантови. Граѓанскиот сектор е најголем корисник на финансиите. Од основањето па досега, дадени се 548 милиони фунти (78 % од грантовите). Организациската поставеност на ГЛФ е на ниво на несекторско независно владино тело кое е финансирано од Министерството за култура, спорт и медиуми. ГЛФ ја има улогата на надополнување на политиката на Владата, при што министрите даваат насоки за политиката и финансиски упатства и директиви кои се зе­маат предвид. Отчет даваат пред пар­ламентот, преку Комитетот за давање отчет, и одговараат на прашања во парламентот, додека националниот ревизор е одговорен за ревизијата. Според големиот лотариски фонд, секој ден се дистрибуираат по 2 милиони фунти за добри каузи, што значи дека заедно со другите дистрибутери на приходите од лотаријата, повеќето луѓе во Обединетото Кралство се на некол­ку милји од проект кој е финансиран од лотаријата.

Во Македонија основа за распределба на стекнатите средства од игрите на среќа и од забавните игри претставува Законот за игрите на среќа и за забавните игри од 1997 година. Овие средства се користат за финансирање на „одредени годишни програми и задачи на здруженија на граѓани” (програмите на здруженија на хендикепирани лица, спортот и за Црвениот крст на Република Македонија). Со посебно решение се утврдува дека за оваа намена се определуваат „50% од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната година”. Овие средства не можат да бидат „помали од 60 милиони денари, ниту поголеми од 120 милиони денари”.

Согласно Одлуката за распоредување на приходите од игрите на среќа и од забавните игри во 2007, предвидените 75.000.000 денари се распределуваат на: Заедницата на инвалидските организации во РМ и нејзините 7 членки 48.304.000 МКД (64,5%), на Националното координативно тело предвидено со стандардни правила за изедначување на можностите за хендикепирани лица, формирано согласно Резолуцијата 48/49 на ООН, 1.072.000 денари (1,43%), за проектот „Пекинг 2008 година” во организација на здружението „Венера” од Прилеп 1.839.999 денари (2,45%), на Агенцијата за млади и спорт 17.464.000 (23,29%) денари (за масовен спорт и за врвен спорт), на Црвениот крст на Република Македонија 6.321.000 денари (8,43%).