Глобален еколошки фонд
Македонија вклучена во Програмата за мали грантови
“Апликацијата за вклучување на Република Македонија во Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, доставена од Министерството за животна средина и просторно планирање преку постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединети нации (УНДП), е прифатена”, извести на почетокот на годинава, канцеларијата за развој на Обединетите нации. Во периодот кој следува, треба да биде избран национален координатор и да се формира национален комитет, со што ќе се пристапи кон подготовка на Националната стратегија на Македонија во оваа сфера. Повикот за грантови ќе биде објавен во првата половина на годинава.
Глобалниот еколошки фонд е основан во 1991 година за да им помага на земјите во развој во финансирање на проектите и програмите за заштита на животната средина. Тој им одобрува поддршка на проектите поврзани со биодиверзитетот, климатските промени, меѓународните води, деградацијата на земјиштето, озонската обвивка и перманентните органски загадувачи. ГЕФ е независна финансиска организација која обезбедува грантови за животната средина и за промовирање на одржливиот развој. Почнувајќи од 1991 година се обезбедени 4,5 милијарди долари во грантови, а се собрани 14,5 милијарди долари во кофинансирање со други партнери, во проектите во земјите во развој и земјите што се наоѓаат во економска транзиција.
Во 2002 година 32 земји донатори, вклучени во ГЕФ, ветиле 3 милијарди долари за финансирање на планираните активности во периодот од 2002 до 2006 година. К.Б
|
|