Документарен филм на ЕСЕ за насилството врз жените
Живот во сенка
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Р. Македонија – ЕСЕ, по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, го промовира краткиот документарен филм за проблемот на семејното насилство - „Живот во сенка”. Филмот е поделен во три дела и содржи исповеди на три жени жртви на семејно насилство, статистики и гледишта на граѓаните за овој проблем, како и информации за услугите во институциите за помош и поддршка на жртвите на семејното насилство. Документарецот, кој има и превод на албански јазик, е во продукција на ЕСЕ и е реализиран во соработака со Македонскиот институт за медиуми. За да биде поприсутен меѓу женската популација, филмот ќе се прикажува на неколку национални телевизии, а ЕСЕ засега преговара со МТВ , со АЛСАТ и со неколку други медиумски куќи.
„Целта на филмот е да потсетиме дека дури половина од жените, односно 50,6 отсто, сe уште трпат психичко насилство”, рече Весна Јованова, координатор за развој во ЕСЕ, на презентацијата на филмот. Таа посочи податоци од нивното истражување кои велат дека 17,7 % од жените секојдневно се изложени на физичко насилство, а 10,6 % се жртви на сексуално насилство. Законот во земјава предвидува казни за семејно насилство од три месеци до доживотен затвор. Во ЕСЕ велат дека и положбата на жената е само декларативно еднаква со мажот. „Тие само декларативно се еднакви, но во реалноста таа не е вклучена доволно во власта, во руралните средини често немаат право на глас поради традиционалните обичаи во одредени етнички заедници, не им е дозволено да се вработат, жените ретко поседуваат имот, а исто така кај одредени етнички заедници сe уште е присутна појавата на малолетнички бракови”, укажуваат од ЕСЕ.
С.Н.
|