НАСТАНИ

ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА

ДЕВИЗНИ СМЕТКИ И ПЛАЌАЊА НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ И ФОНДАЦИИ 

Ограничување на девизното работење

Во текот на мај 2001 година повеќе здруженија на граѓани и фондации (граѓански организации) примија писма од своите деловни банки во кои се известуваат дека согласно писменото толкување на Народната банка на Македонија тие не можат да имаат девизна сметка и затоа банката е присилена да ја затвори девизната сметка и евентуалното салдо да го откупи на девизен пазар. Во одделни случаи е дадено и дополнение дека идните девизни приливи ќе бидат директно откупувани од банката и дека за секое плаќање во странство е потребно да се поднесе одобрение од надлежниот орган (Министерството за економија), се додека тие не се усогласат со законските прописи и не се регистрираат за надворешно-трговско работење.

Последиците од ваквите промени можат да значат ново влошување на законскиот амбиент во кој делуваат граѓанските организации.
Какви можат да бидат последиците:
- немањето право на девизна депозитна сметка значи сите остварени девизни приливи веднаш да се променат во денари води кон ризик односно незаштита на средствата од курсни разлики. Најчесто граѓанските организации остваруваат годишни донации или слично и остварените девизни приливи се за подолг период во кој ризикот од промени на курсните разлики се поголеми, посебно во сегашниот контекст. Досегашната пракса овозможуваше девизен депозит од 180 дена и продажба на девизните средства според тековните потреби;
- директен откуп на девизните приливи од страна на банка, а не на девизен пазар, ги става граѓанските организации во неповолна позиција да банката врши откуп и по неповолен курс. Со тоа граѓанските организации остануваат покуси за позитивните курсни разлики;
- плаќањата во странство ќе се извршуваат со претходно одобрение од надлежниот орган (Министерството за економија), што ќе значи зголемено администрирање (поднесување барање, плаќање административна такса итн).
Поради можноста од негативно влијание врз граѓанските организации, МЦМС заедно со ИОО, ИЦГО, Меѓаши и ЕСЕ основа група за следење на ова прашање, а беа прашани за совет и водечки стручњаци.
Од тоа произлегоа следниве сознанија:
- Здруженијата на граѓани и фондации немаат право на девизно-депозитна сметка. Законот за девизно работење е јасен. Ако ги исклучиме специјалните случаи од став 1, 2 и 3 од член 90 од Законот (инвестициски работи во странство, консигнациски складишта и странски влогови), на девизна сметка може да се депонираат само девизи остварени со извоз и увоз на стоки и услуги. Оваа најверојатно бидејки кога е донесен законот (1993 година) не се имале во предвид девизите остварени по основ на донации;
- Здруженијата на граѓани и фондации имаат право да ги продаваат девизите на девизниот пазар. Здруженијата на граѓани и фондации можат сами да ги продаваат девизите на девизниот пазар, односно да ги користат за плаќање во странство. Тоа тие можат да го сторат во рок од четири дена од приемот на известувањето за приливот;
- Здруженијата на граѓани и фондации треба за секое поединечно надворешно-трговско работење да обезбедат одобрение од Министерството за економија;
- Здруженијата на граѓани и фондации имаат право на тековни трансакции (членарини и дневници) без одобрение. Тековните трансакции, онака како што се тие дефинирани во Законот и подзаконските акти, се слободни, без оглед на тоа дали тие се однесуваат на надворешно-трговското работење. Членарините и дневниците за службено патување претставуваат тековни трансакции и се слободни за плаќање и од страна на здруженија на граѓани и фондации, без потреба од какви било дозволи од надлежниот орган за економски односи со странство.
На 3 мај 2001 година, во Службениот весник на Република Македонија бр.34/2001 е објавен Законот за девизно работење. Овој закон е исто така мошне јасен. Здруженијата на граѓани и фондации ќе имаат законско право да имаат девизна сметка, без каква било дистинкција во однос на видот на девизниот прилив. Ова право не ќе може да се ограничи од страна на Народната банка при утврдување на начинот на отворање. Законот требаше да отпочне со примена на 1 октомври, но е одложена за 31 декември.
Со примената на новиот закон наведените ограничувања нема да важат и здруженијата на граѓани и фондации ќе можат слободно да располагаат со девизна сметка кај банките кои се овластени за платен промет со странство. Со тоа ќе се отстранат моменталните негативни последици кои ги трпат во своето работење.
С.К.


Целосниот Извештај за правната рамка за Девизните сметки и  плаќања на здруженијата на граѓани и фондации може да се најде на њњњ.граганскисвет.орг.мк/документи/