Иницијатива на Координативното тело за собирање на нелегалното оружје

Приклучете се на „Маршот против оружјето“ 

 

Координативното тело за имплементирање на Законот за доброволно предавање и собирање на оружјето, муницијата и експлозивните направи и легализација на оружјето, денеска, на 31 октомври 2003 г., организира „Марш против оружјето“.


Почетокот на маршот е закажан на плоштадот „Македонија“ во 15 часот, преку Камени мост ќе се продолжи кон Бит-пазар, Судската палата, зградата на Црвениот крст и Собранието, а ќе се заврши повторно на Плоштадот.

На маршот учество пријавија претставници на граѓански организации,  декани, професори и студенти од факултетите во Скопје, пратениците, дипломатскиот кор, претставници на странски цивилни и воени мисии во земјава, граѓани…

Маршот е насочен кон стимулирање на граѓаните на Македонија да ја поддржат акцијата за собирање на нелегалното оружје и сите активности на Националната програма што има за цел подобрување на безбедноста на сите граѓани во земјата.

Придружете се на маршот, да го изразите интересот и хуманоста во акцијата и да бидете дел од акцијата за доброволно предавање на нелегалното оружје и подобрување на општата безбедност во државата.

Координативното тело ги повикува организациите коишто имаат интерес и сакаат да бидат вклучени во мониторингот при предавањето на оружјето, односно да бидат присутни на местата, пунктовите каде што ќе се предава нелегалното оружје, да достават листа на можни членови за мониторинг, директно до Координативното тело, или, пак, до лицето за контакт за граѓанскиот сектор на електронската пошта: sozm@mt.net.mk или на факсот 02/3238-184.

Акредитација на листата за вршење мониторинг ќе врши Координативното тело.

За други информации во врска со оваа кампања можете да се обратите на адресата на Координативното тело: Парламент на Република Македонија, ул. „11 Октомври“ бб, 1000 Скопје, тел: ++389 (2) 3284-050; факс: ++389 (2) 3119-245; www.smallarms.org.mk

 

Д.М.