Африка

Интернет-алатка за демократизација и развој

Африканските промотори на информатички и комуникациски технологии (ИКТ) од приватниот сектор, медиумите и образованието, пронаоѓаат докази дека континентот ги надминува проблемите со цени и инфраструктура, употребувајќи го Интернет како алатка за намалување на сиромаштијата, демократизација и развој.

„Инвестирањето во компјутери со пристап на Интернетот е скапо, но неопходно. Пристапот до информации носи можности“ изјави комуникацискиот консултант Мкпе Абанг од Нигерија при неговото обраќање до делегатите на седмиот годишен информациски самит „Хајвеј Африка“, кој заврши на 10 септември 2003 година на јужноафриканскиот универзитет Роудс (www.ru.ac.za).

Изложувајќи примери за остварен напредок при ширењето на употребата на компјутери и комуницирање преку Интернет во Африка, промоторите на ИКТ објаснија дека дури и во најуспешните случаи се соочувале со потешкотии при употребата на технологијата којашто во развиениот свет се зема „здраво за готово“.

„Постојат технички проблеми, како што е недостатокот на телефонски линии. Има финансиски пречки што ги спречуваат сиромашните да учествуваат во информациската ера, со што им се ускратуваат и насоки преку кои би нашле излез од сиромаштијата. Но исто така, попречувањата доаѓаат од страна на општеството или владата“, вели Аманда Синглтон, раководител на група во телефонската компанија Телком од Јужна Африка.

Покрај тоа, постои потреба од јакнење на родова основа, така што информациите што ги добиваат жените во врска со планирање на семејството, деловните можности или за иницијативи за развој на заедницата нема да бидат попусто пренесени поради тоа што жените се затворени во домовите, без моќ да го употребат своето знаење.