НВО САЕМ Организатор: ФИООМ


Панел-тема: „Закон за слободен пристап до информациите-предизвик за невладиниот сектор“


Прашањето за достапност на информациите до јавноста е едно од основните прашања на современото општество и дека демократијата е незамислива без слободен пристап до информациите

Претставничката од Министерството за правда, Загорка Тноковска, констатираше дека во Македонија, во моментов, не постои Закон за слободен пристап до информациите и дека тој што побрзо треба да биде донесен. Со него ќе се овозможи реализација на уставната загарантираност на слободен пристап до информациите. Таа го издвои членот седум, како проблематичен, зашто тој би требало да ги определи ограничувањата на информациите, потенцирајќи дека ограничувањата ќе произлегуваат од Законот за лични податоци. Тноковска, исто така, го објасни и механизмот за спроведување на законот преку формирање посебна комисија, а се осврна и на примената на одредбите на општта управна постапка.

Живко Темелковски од „Транспарентност Македонија“, истакна дека прашањето за достапност на информациите до јавноста е едно од основните прашања на современото општество и дека демократијата е незамислива без слободен пристап до информациите. Тој информираше дека Транспарентност, оваа година, ја прогласи за година на слободен пристап до информации, потенцирајќи дека за да се елиминира корупцијата, неопходно е да се изгради систем на слободен пристап до информации.

Климе Бабунски, истакна дека предложениот законски текст има големи недостатоци, но дека проблемот не е во методологијата, туку во филозофијата, односно во содржината на предложениот текст, зашто во моментов не постои европски законодавство, кое би ги дало насоките. Бабунски ги потенцираше резултатите од истражувањето, спроведено пд Иницијатива за отворена правда од Будимпешта, кое покажало инертен однос на институциите.

Според Роберто Беличанец, постоењето на овој закон ќе помогне кон поттикнување на истражувачкото новинарство. Тој, исто така, членот седум го оцени како рестриктивен, а примената на одредбите на управната постапка би ја закочила примената на овој закон.

Последен воведничар беше Бардил Јашари, кој заклучи дека граѓанскиот сектор може да се вклучи во менување на свеста и дека тоа може да се направи со издигање на јавната свест, со тренинг и правна помош.

По завршувањето на  излагањата на воведничарите, прв за збор се јави Сашо Орданоски, кој истакна дека станува збор за сосем погрешен пристап и дека е неопходно да постојат повеќе одредби, кои би ги задолжувале институциите на отвореност. Тој, исто така, истакна дека предложениот член седум е катастрофален и дека ваквиот закон уште повеќе ќе ја промовира затвореноста на нашето општество и дека со него ќе се создадат нови правни лавиринти.
За збор се јави и претставник од Сојузот на слепите, кој побара дефинирање на потребите на лицата со хендикеп во процесот на барање и давање информации. Зоран Петковиќ, го изнесе своето мислење дека законот треба да се сведе на еден член, според кој се’ ќе биде отворено и достапно до граѓаните, а единствен предуслов за тоа е прецизно да се утврдат условите за тоа што може,а што не може да биде достапно до јавноста.