Работилница на Македонскиот центар за меѓународна соработка

Реинтеграција и ревитализација на подрачјата погодени од конфликтот

МЦМС ја презентира студијата во која се констатира состојбата за реинтеграција и ревитализација на подрачјата погодени од конфликтот во Македонија во која се даваат идеи и насоки за понатамошни активности

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), заедно со германската консултантска куќа Факт, на 8 април 2004 година, од 10:30 до 14:00 часот, во хотелот Холидеј ин, во Скопје, спроведе работилница со наслов “Реинтеграција на раселените лица и ревитализација на подрачјата погодени од конфликтот во Македонија”. За тие цели, претходно МЦМС спроведе мисија, а во рамките на мисијата, изготвена е студија во која се констатира состојбата и се даваат идеи и насоки за понатамошни активности. Студијата беше основа за дискусија на работилницата.

„Целта на работилницата е да ги презентираме наодите од студијата пред вас, пред главните актери во Македонија, значи пред владините претставници, пред локалната самоуправа, пред претставниците на амбасадите и меѓународните организации, пред бизнис-секторот и пред граѓанските организации. Преку отворени дебати за овие прашања, преку дискусија на препораките од студијата и преку утврдување насоки за дејствување на релевантните актери, се надевам дека ќе придонесеме кон целосно разрешување на преостанатите прашања во врска со раселените лица во Македонија, како и кон забрзаната ревитализација на поранешните конфликти подрачја“, истакна Сашо Клековски, извршен дирекотор на МЦМС, на почетокот на работилницата.

На работилницата учествуваа претставници на организации и институции кои се надлежни или се вклучени во решавањето на прашањата од оваа област - пратеници од поранешните конфликтни подрачја, министри и експерти од неколку министерства, градоначалници од сите општини засегнати од конфликтот, релевантни лица од амбасадите и меѓународните организации, од граѓанските организации и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Работилницата ја отвори и со неа заседаваше Мирко Спироски, претседател на МЦМС.

Работни јазици на работилницата беа македонски, англиски и албански.

Д.М.